за

Porsche планира нов основен модел по пример на 718

Во 2016 година ќе биде претставен новиот основен модел на Porsche со четирицилиндарски мотор, што ќе чини помалку од 40.000 евра. Како инспирација ќе послужи моделот 718 од 1950-те години.

Германскиот специјалист за спортски автомобили ќе ја пополни секоја можна празнина на пазарот со свој модел. По две години се очекува Цуфенхаузен да претстави родстер со четирицилиндарски боксер мотор што ќе чини помалку од 40.000 евра. Идејата за новиот модел во основата на понудата наPorsche потекнуваод спортскиот родстер 718 од 1957 година. За разлика од оригиналниот модел што се произведуваше до 1962 година, новиот Porsche 718 нема да биде наменет за трки, туку за секојдневно возење по улица. Основата на возилото ќе ја понудат актуелните модели Boxster и Cayman.

Спартански изведениот родстер 718 ќе има средишно поставен мотор, каросерија со лесна конструкција и едноставен ентериер, со цел да биде полесен и подинамичен од неговите етаблирани браќа. Инженерите најавуваат тежината да биде под 1.200 килограми, што е 120 килограми помалку од Boxster со електричен покрив и шестцилиндарски мотор. Дизајнот на каросеријата ќе се разликува од Boxster, со покуси каросериски превиси напред и назад.

Со основната цена од околу 40.000 евра, Porsche 718 ќе биде значително поевтин од браќата Cayman и Boxster. Најсуштинската промена ќе биде во моторот. Porsche 718 ќе биде прв модел на швабите со четирицилиндарски боксер по Porsche 912 од 1960-те години. Моторот ќе биде достапен во две варијанти. Послабата ќе има зафатнина од 2.0 литри, со моќност од 286 КС и вртежен момент од 400 њутнметри, додека поголемиот агрегат ќе работи со 2,5 литри, 360 КС и 470 њутнметри – оттука е веќе јасно дека обата мотора ќе користат турбонатполнење. Покрај мануелниот менувач ќе се нуди и менувач со двојна спојка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan разви автомобил што сам се чисти

Toyota првпат со продукција од преку 10 милиони возила