за

Porsche во лигата на шампиони – Новиот 911 Turbo

Време е Porsche 911 да покаже сé што умее. Битурбо натполнење, погон на сите тркала, управување и на задната оска, активна аеродинамика. Овој Porsche 911 умее многу – за 150.000 евра, без ДДВ.

Кај автомобилите од класата на Porsche 911 Turbo не вредат бројките за забрзувањето и за крајната брзина. Секундите и километрите на час тој ги има надживеано уште одамна, кај него постигнувањата се вреднуваат во минути. Вредноста е 7 минути и 30 секунди. Претходната генерација на Porsche 911 Turbo за толку време го извозува 22-километарскиот Северен Јазол на Нирбургринг. Новиот Turbo го подобрува рекордот за цели 15 секунди. Тоа е огромна разлика во светот на супермоќните и супербрзите.

Гигантскиот напредок во времето на Нирбургринг не се постигнува само со вообичаениот пакет од поголема моќност, повеќе вртежен момент и повисока крајна брзина, ниту пак со олеснување на каросеријата, туку првенствено со еден технички трик, со виртуелно скусување на меѓуоскиното растојание. Тоа е ефектот кој што сакаа да го постигнат марките Renault и Lexus со вградувањето на управување на задната оска во некои од нивните модели. По тестирањето во тркачкиот болид GT3, оваа техника сега станува достапна и во Turbo, каде што ќе овозможи малку поширок круг на купувачи да уживаат во скусувањето на свијоците.

На местото каде што обично работат конвенционални водилки на задната оска, кај новиот Turbo се користат електромеханички управувани лостови, кои во зависност од брзината можат да го сменат аголот на тркалата на задната оска до 2,8 степени.

До брзина од 50 километри на час, односно при паркирање, маневрирање или по сопирање пред остри свијоци, задните тркала се вртат во спротивен агол од предните тркала. На тој начин 911 Turbo врти полесно и подинамично. Техничарите објаснуваат дека ефектот во возењето е како меѓуоскиното растојание да е скусено за 25 сантиметри.

При повисока брзина од 80 километри на час, системот ги управува предните и задните тркала паралелно. Во тој случај, чувството е како меѓуоскиното растојание да се продолжено за половина метар. Porsche ветува енормна стабилност при бвисоки брзини. Во исто време, при управувањето побрзо се зголемува страничната сила на задната оска, што води кон поспонтано и похармонично менување на правецот, а тоа пак вродува со скусување на времето на возење на Северниот Јазол на Нирбургринг.

Тоа не е единствениот трик што го користи новиот Porsche. За прв пат во 911 Turbo се нуди активно компензирање на клатењето на каросеријата, односно систем кој го спречува страничното наведнување во свијоци, како и потонувањето или кревањето на носот при силно сопирање и забрзување. Покрај тоа, Porsche за прв пат вградува и приспособлив преден спојлер со комори што се надувуваат. Со овие комори може по потреба да се извлекуваат одделно или заедно трите сегменти во црниот потспојлер и да се усогласуваат со задниот спојлер, кој исто така се мести во три степени, со цел да се добие максимална брзина или максимална динамика во возењето. Според Porsche, активната аеродинамика скусува две секунди на Северниот Јазол.

Останатиот обем на работа на новиот 911 Turbo е предвидлив. Шестцилиндарскиот боксер од 3,8 литри пумпа 520 КС во основниот модел, односно 560 КС во Turbo S. Во комбинација со менувач со двојна спојка и со доплата за пакетот Sport Chrono, Turbo вози од место до сто за 3,1 секунди и не престанува да забрзува до 318 километри на час.

Porsche мора да внимава и на потрошувачката, не затоа што купувачите го очекуваа тоа, туку затоа што ЕУ ја ограничи емисијата на СО2 на ниво на возен парк на марка. Колку да се знае: Според нормите, Turbo троши 9,7 литри, односно 16 проценти помалку од претходникот.

Премиерата ќе се одржи на истото место каде што пред половина век започна историјата на моделот и десет години подоцна беше прикажан првиот Porsche 911 Turbo, односно на салонот во Франкфурт, во септември. Заинтересираните купувачи можат да го искористат ова кусо преостанато време до почетокот на продажбата, кој ќе биде веднаш по премиерата на Франкфурт, за дополнување на салдото.

[nggallery id=34]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen е најиновативен концерн на светот

Овие модели задржуваат најмногу од вредноста