за

Porsche ќе ги произведува осумцилиндарците за целиот концерн Volkswagen

Спортската марка Porsche отвори нова фабрика за мотори. Со осумцилиндарците што ќе излегуваат од овие погони ќе се снабдуваат сите марки од концернот Volkswagen.

Сите осумцилиндарски мотори за марките од концернот Volkswagen во иднина ќе се произведуваат кај Porsche во Цуфенхаузен. Спортската марка инвестираше 80 милиони евра во новата фабрика за мотори што официјално стартуваше со работа во петокот. При целосна искористеност на капацитетот, 400-те вработени ќе произведуваат до 200 осумцилиндарски мотори на ден.

Производството стартуваше со новиот 4,0-литарски V8 со моќност од 550 КС, кој ќе се вградува во новата генерација на Panamera. Вкупно 20 најразлични варијанти на мотори V8 ќе се произведуваат во Porsche, вклучувајќи и мотори за модели од останатите марки на концернот, како за следната генерација на Bentley Continental или за новиот Audi A8. Производителот од преградието на Штутгарт не открива колкава заштеда му носи на концернот Volkswagen ова концентрирање на производството на моторите V8 во Porsche.

porsche fabrika za motori V8

Производствената површина на објектот изнесува 10.000 метри квадратни, од коишто засега е зафатен само мал дел. Погоните во иднина ќе се приспособуваат според новите модели. Фабриката има и централна улога во стратегијата за воведување на електричниот погон во автомобилите на Porsche. Тука ќе се произведува погонот за првиот спортски модел на Porsche со погон само на струја. Mission E ќе се појави на пазарот пред завршетокот на деценијава.

Автономни транспортери ги снабдуваат работните позиции со компоненти

Новата фабрика за мотори е дел од инвестициската офанзива во матичната фабрика на спортската марка. Само во изработката на каросеријата и за лакирницата за Mission E се вложуваат 700 милиони евра. Работниот персонал во Цуфенхаузен се удвои за само неколку години и моментно брои околу 9.000 лица.

Неколку факти за новата фабрика за мотори на Porsche во Цуфенхаузен:

  • Пред 66 години, 108 работници изработуваа 369 примероци од Porsche 356 годишно, денес само во погонот за мотори работат над 1.200 лица.
  • Доставата на компоненти до одредените позиции се врши со автономни подни транспортери со можност за програмирање и со погон на струја, со литуим-титанат батерии. Овие „роботи“ се движат по мрежата од 16.000 магнети поставени во подот на целата фабрика.
  • На секои 3,5 минути почнува да се составува нов мотор
  • 95 носачи ги пренесуваат моторите по производствената лента долга 432 метри
  • Во 110 работни тактови, вклучувајќи производство и монтажа, нов мотор се произведува за само 6,5 часови.
  • За секој мотор, по неговата изработка и контролата стојат на располагање 2.300 податоци, заради рано препознавање и исклучување на грешки во производството.
  • Фотоволтаичките колектори на покривот произведуваат 242.500 киловатчасови струја годишно.

[FAG id=25064]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari го „разоткри“ LaFerrari

Mercedes E-Class избран за најдобар бизнис-автомобил од Британците