Ferrari ја подготвува отворената изведба на топ-моделот LaFerrari за светска премиера на салонот во Париз во октомври. Моделот ќе се понуди во ограничена серија, името уште се држи во тајност.
Од Маранело ги објавија првите фотографии од отворената изведба на LaFerrari. Новата серија во ограничен број примероци според Ferrari е наменета за „клиенти и колекционери кои одбиваат да го жртвуваат ужувањето во возењето ‘ал фреско’ дури и кога се зад воланот на суперавтомобил.“
Името и деталните технички карактеристики на новиот модел ќе бидат објавени на салонот во Париз, исто како и бројот на примероци што ќе се произведат во Маранело. Оттаму сепак откриваат дека серијата е веќе распродадена по презентацијата за посебни клиенти и книгата со нарачки е веќе затворена.
Во погонот нема измени: V12 со 800 КС и електромотор со 163 КС
Сопствениците на новата специјална верзија LaFerrari ќе имаат на располагање цврст покрив од карбон или платнен покрив, за ситуациите кога временските услови не дозволуваат возење под отворено небо. Погонот и перформансите ќе бидат исти како кај првата серија од LaFerrari, што значи V12 со 800 КС, во комбинација со електромотор од 163 КС или вкупно 963 КС.
Значајни преправки се извршени во шасијата, заради задржување на отпорноста на торзија и крутоста како кај купе-изведбата. Аеродинамиката исто така е дотерувана, за да обезбеди истиот коефициент на отпор на воздух при возење со отворен покрив.


















