Како што се навестуваше, новото издание на ултимативната тркачка машина на Porsche во класата GT отстапи од принципот што спортската марка го негува уште од првиот свој модел. Место зад задната оска, моторот во 911 RSR е поставен средишно, пред задната оска. Тоа ќе му донесе уште поголема супериорност на тркачот специјализиран за долги патеки.
Челниците во Волфсбург јасно ги разграничија улогите на своите челни марки на тркачките патеки. Audi повеќе нема да вози за слава на Леман, туку се концентрира во електричната формула и во туристичката класа, додека Porsche добива „слободен“ пат во најелитните шампионати на круг.
Како се реализира новата стратегија, најдобро покажува новиот тркач 911 RSR. Болидот за класата GT поседува лесна конструкција до последниот детал – и мотор вграден пред задната оска! Со тоа, Porsche по втор пат го напушти суштинскиот принцип на марката. Претходно тоа се случи со 911 GT1, кој во 1998 година триумфираше на Леман и ја донесе 16-та победа на Porsche на легендарната патека. Во тоа време, во класата GT1 возеа најбрзите болиди.
Четирилитарскиот боксер и натаму се откажува од „турбо-услугите“
Претпоставките дека новиот RSR ќе премине на турбонатполнење не се остварија. Четирилитарскиот суперлесен боксер со шест цилиндри дише со сопствениот граден капацитет, без помош од турбо, со директно впрскување и класичен погон на вентилите. Премиерата на Porsche 911 RSR ќе биде во јануари, на 24-часовната трка во Дајтона.
„Со задржување на типичниот дизајн на 911, ова е досега најголемата еволуција во историјата на нашиот топ модел во GT“
Др. Франк-Штефен Вализер, шеф на мотоспорт во Porsche
Подвозјето, каросериската структура, аеродинамичкиот концепт, моторот и менувачот, сето тоа е комплетно ново. Со поместувањето на моторот пред задната оска се овозможи вградување огромен заден дифузор, што заедно со исто така огромниот заден спојлер по пример на 919 Hybrid постигнува значително зголемување на потисокот.
Новиот боксер во зависност од големината на рестрикторот псотигнува до 510 КС и ја пренесува моќта до задните тркала широки 31 сантиметар преку секвенцијален шестстепен менувач, секако со куќиште од магнезиум. Тоа претставува кулминација во понудата од тркачки машини на Porsche, покрај претходно обновените 911 GT3 R и 911 GT3 Cup.
https://youtu.be/j9EwbWbqZiI
Системите за асистенција не го прескокнуваат ниту RSR. Тој поседува радарски систем за предупредување при опасност од судир. На дисплејот во кокпитот се прикажуваат побрзите прототипи во класата LMP и со тоа се избегнуваат „забуни“ дури и во мрак.
Новиот 911 RSR во следната сезона го очекуваат 19 фабрички настапи и повеќе од 140 часови трка. Porsche ќе стартува со два фабрички автомобила во првенството во издржливост, заедно со 24 часа Леман и американскиот ИМСА. Премиерата е веќе на 28-ми јануари во Дајтона.
Технички податоци Porsche 911 RSR моделско годиште 2017
Концепт
Тркачки едносед во категоријата LM-GTE
Тежина/Димензии
Тежина ca. 1.243 kg (пропишана основна тежина)
Должина 4.557 mm (без сплитер, заден спојлер, дифузор)
Ширина 2.042 mm (предна оска) / 2.048 mm (задна оска)
Меѓуоскино растојание 2.516 mm
Мотор
Шестцилиндарски боксер со водено ладење, пред задната оска, 4.000 cm3, Од на клип 81,5 mm, пречник на цилиндар 102 mm; ca. 510 КС зависно од рестриктор; четиривентилска техника; директно впрскување; подмачкување со сув картер; електронска педала за гас.
Пренос на сила
Секвенцијален 6-степен менувач; ракување преку електрично контролирани рачки на воланот; куќиште на менувач од магнезиум; ламеласта блокада на диференцијал со вискозна единица; тркачка спојка со три ламели од карбон.
Каросерија
Комбинација алуминиум-челик; FT3 резервоар напред; заварен безбедносен кафез; седиште според FIA 8862-2009, фиксирано за каросеријата; безбедносен ремен со 6 точки и HANS; надолжно поместливи педали; каросериски додатоци од карбон, брзо заменливи; заден спојлер со „лебедов врат“; четири пневматски подигнувачи; противпожарен апарат со електронско активирање; загреван ветробран.
Подвозје
Предна оска: Двојни попречни водилки, четирикратни амортизери, двојни спирални пружини (главна и помошна); стабилизатор со двострано дотерување; електрохидраулично сервоуправување.
Задна оска: Двојни попречни водилки на интегрална помошна рамка; четирикратни амортизери, двојни спирални пружини (главна и помошна); стабилизатор со двострано дотерување; триподни зглобови.
Сопирачки
Два одвоени сопирачки кругови за предна и задна оска, со регулирање. Предна оска: Едноделни шестклипни сопирачки клешти од алуминиум со брза разделна спојка; челични сопирачки дискови од 390 mm; тркачки сопирачки облоги; оптимиран довод на воздух за ладење.
Задна оска: Едноделни четириклипни сопирачки клешти од алуминиум со брза разделна спојка; челични сопирачки дискови од 355 mm; тркачки сопирачки облоги; оптимиран довод на воздух за ладење.
Бандажи/Гуми
Предна ска: Едноделни ковани бандажи од лесен метал, 12,5J x 18 офсет 25 со централна навртка; Michelin Slick 30/68-18.
Задна оска: Едноделни ковани бандажи од лесен метал, 13J x 18 офсет 37 со централна навртка; Michelin Slick 31/71-18.
Електрика
Централен лог Cosworth; мултифункциски волан од карбон со интегриран дисплеј, брза спојка и команди за менувач; систем за предупредување при опасност за судир; регулиран генератор со батерија LiFePo4; диодни предни и задни светла; црно светло во кабина; електрично местење на ретровизори со мемориска функција; контрола на притисок во гуми; снабдување со течност за пиење; клима уред.
[FAG id=26346]

















