Една буква значи многу во Aston Martin. Испорачателот на службените возила за најпознатиот таен агент во светот изработе верзија S од Vanquish, со моќност на дванаесетцилиндарецот зголемена на 603 КС, стегнато подвозје и дотерана аеродинамика. Најрадикалниот ефект на „S“ е во цената: Најмалку 200.000 британски фунти.
По четири години откако стартуваше втората генерација на Vanquish, Aston Martin ја претставува верзијата на својот врвен модел со додавка S во ознаката. Првиот Vanquish од 2001 година исто така имаше своја „супер“ верзија, којашто пристигна три години подоцна. Третманот му донесе поостар стил, поголема моќност и подобрена управливост на дванаесетцилиндарскиот тркач на долги патеки.
Шестлитарскиот V12, кој на одушевување на пуристите и натаму се откажува од услугите на турбонатполнење, тука располага со 603 КС при 7.000 вртежи, односно со 30 КС повеќе отколку во стандардниот гран-туризмо. Зголемената моќност и подобрената реакција на гас е резултат од преработената вшмукувачка гранка, којашто обезбедува повеќе воздух при високи вртежи и моќно повлекување сé до црвената линија.
Повеќе спорт во спортските програми, во комфорот не се чепка
Соодветно е сменета и калибрацијата на осумстепениот менувач Touchtronic III, со цел да се постигне побрза промена на степен и порафинирана работа при мали брзини. Амортизерите, пружините и лежиштата на стабилизаторите претрпеа промени за Vanquish S да извлече уште поостра нота во спортските програми на работа на подвозјето, без тоа да влијае врз комфорот во соодветната програма.
Спринтот до сто трае 3,5 секунди, крајната брзина изнесува 323 километри на час. Моделот се распознава по сменетата форма на предниот сплитер и задниот дифузор, коишто се изработени од карбон и се оставени без површински финиш. Во агресивниот стил на Vanquish S учествуваат и четирите издувни цевки со впечатлива димензија.
Vanquish S е достапен и во изведба Volante, а цената на британскиот пазар стартува од 199.950 фунти. Првите примероци ќе бидат испорачани веќе во декември.
[FAG id=26357]


















