Два случаи на пожар на 911 GT3 го поткопаа имиџот на овој модел што е развиен првенствено за тркачка патека и чини далеку над 100.000 евра. Досега се испорачани околу 785 примероци.
Веднаш откако беа регистрирани двата случаи на пожар, за среќа без човечки жртви, Porsche побара сопствениците на 785-те испорачани примероци од 911 GT3 од оваа моделска година да ги остават своите возила во мирување додека не се утврдат причините за проблемот.
За релативно кусо време се утврди каде лежи проблемот. Вината за пожарите е во лабавите навојни споеви на клипниците, што предизвикало оштетување на блокот на моторот. Во обата случаи истекувало масло од моторот и истото се запалило. Како решение на проблемот, сите примероци од 911 GT3 од оваа моделска година, вклучувајќи ги и неиспорачаните возила, ќе добијат оптимирана навојна врска на клипниците. Притоа ќе се заменуваат комплетните мотори. Porsche ќе контактира директно со сопствениците. Другите модели на марката не се погодени од овој проблем.