
Продажбата во претходните месеци пораснала за околу една петина, наведе менаџерот, додавајќи дека се зголемила и побарувачката за електрични доставни возила.
„Сензационален е порастот во побарувачката за ЕВ во овие земји, коишто за наша среќа ни се клучни,“ кажа Фаве. „Во мојата кариера ретко имам видено толку радикален пресврт за кусо време.“
Продажбата на ЕВ во Европа расте, откако пристигнаа подостапни модели, и од домашните производители, како Стелантис и Фолксваген, но и од кинеските марки, предводени од БИД. И во Франција, и во Германија, најголем пазар во Европа, каде што започна новата програма за субвенционирање, продажбата на ЕВ во април порасна за преку 40%.
Концернот Стелантис, создаден во 2021 година со соединувањето на Фиат Крајлер Аутомобилс и ПСА Групација, ја преиспита својата стратегија, со цел за поправилно да ги распореди трошоците меѓу своите 14 марки. Повеќето од тие марки се обраќаат на истиот круг купувачи во Европа.
Пежо е меѓу марките на коишто ќе им биде придадено поголемо значење во новата стратегија на извршниот директор Антонио Филоса. Француската марка ќе добие најмногу средства, покрај Џип, Рам и Фиат.
Пежо „ја сврте страницата“ откако со години се соочуваше со проблеми со своите мотори Пјуртек, наведе Фаве. Драстичното кратење на трошоците за време на поранешниот менаџмент влијаеше врз квалитетот и го нагриза имиџот, додаде менаџерот.
Марката со лавот во мај го обнови и своето партнерство со Донгфенг Мотор, што претставува пресвртница, откако француската марка претходно се имаше откажано од Кина.
Фаве во минатиот месец прикажа и два нови концептни автомобили на салонот во Пекинг. Возилата на Пежо што ќе се произведат во Кина, се базираат врз платформи на Донгфенг и се поголеми од моделите што се продаваат во Европа, и со тоа нема да ги загрозуваат моделите од европската понуда, напомена Фаве.

„Нашите киенски партнери сакаат брзо да ги воведуваат новите модели,“ кажа Фаве. „Ние сакаме малку повеќе време, за да се осигураме дека тоа е вистински Пежо, што значително се разликува од вообичаената тактика на повеќето кинески марки.“
Марката ќе воведе седум нови модели до завршетокот на деценијава, со план продажбата дотогаш да се искачи на 1,5 милион возила годишно. Во минатата година, Пежо продаде 1,1 милион возила.
Меѓу тие модели се нова генерација на градскиот модел 208, што стартува со продажба в година и ќе се нуди само како електричен модел. Меѓу новите технологии се вбројуваат управување преку електронска команда, без механичка врска меѓу воланот и тркалата, како и коцкест волан, инспириран од видео игрите. Фаве најави дека новите технологии на Пежо понатаму ќе се корисат и кај останатите марки на концернот.
Стелантис планира да вложи преку 1 милијарда евра во својата фабрика во Милуз, во источна Франција, најави претседателот Емануел Макрон на 26-ти мај.
Тоа дополнително ќе го зајакне присуството на концернот во регионот, од каде што влечат корени групацијата ПСА и марката Пежо. Концернот веќе има вложено во модернизација на блиската фабрика во Сошо, којашто во 2025 година произведе 230.000 возила Пежо 3008 и 5008.















