за

Peugeot сé почесто вози на струја: 508 Hybrid испорачан во Еуроимпекс

Можноста да возат на струја им се допаѓа на купувачите на Peugeot. Во салонот на француската марка во Скопје беше кусо изложен хибриден „508“, пред да биде испорачан на сопственикот.

Ставовите во јавноста околу електромобилноста се сменија брзо. До скоро беше уште под знак на прашање, дали некој модел со електромотор во погонот, што ќе се изложи во салон, ќе најде сопственик во видно време. Кај Peugeot успеа мошне брзо, купувачите да ја прифатат струјата како трет избор, покрај бензинот и дизелот.

Електричниот погон не е најава и не е иднина, туку е реалност. Peugeot 208, Peugeot 2008, новите Peugeot 308 и 308 SW, Peugeot 3008, Peugeot 508 и Peugeot 508 SW, сите тие веќе се достапни во изведба со чисто електричен или со приклучен хибриден погон. На тоа следат уште моделите Peugeot Rifter, Traveller и Expert, што освен во изведба со мотор со внатрешно согорување, се достапни и во чисто електрична верзија, во патничка или во товарна изведба. Уште повеќе, знаменосецот на целата марка, Peugeot 508 PSE, користи помош од два електромотори и со системски 360 КС е најсилниот модел во историјата на француската марка.

Ова стилско комби во салонот на Еуроимпекс е најдобриот доказ за тоа дека вештиот потег, за моделот со приклучен хибриден погон 508 PSE да се постави како знаменосец, функционира. Бисерно белиот 508 SW не е впечатлив само со бојата и со каросерискиот стил, или со врвното ниво на опрема GT Pack, туку и со погонот. Назад и на страните стои HYbrid, со намерно издвоено „HY“, што при изговарање звучи како „хај“ и укажува дека тука се добива нешто повеќе.

New item by Automedia MK / Google Photos

Погонот на Peugeot 508 Hybrid се состои од 1,6-литарски турбо бензинец со 181 КС и 300 њутнметри, електромотор со 112 КС и 320 њутнметри, автоматски менувач со 8 степени и батерија од 13,2 киловатчасови. Сето тоа произведува системска моќност од 225 КС и системски вртежен момент од 360 њутнметри. Зошто 181 КС + 112 КС не е 293 КС, се објаснува со фактот што електромоторот и бензинецот при максимално напрегање на погонот, односно при притисната педала „до под“, во исто време не работат со максималната моќност.

Податоците за спринтот до темпо сто за точно осум секунди и крајна брзина од 240 km/h, укажуваат дека тоа се здрави 225 КС. Доколку се појде со полна батерија, возењето чисто на струја ќе трае 52 километри. Од друга страна, при погон само на струја може да се вози до 135 километри на час, што е добро ако на пример секој ден се возат неколку десетици километри по автопат до работното место. Во најдобриот случај, на работното место ќе чека полнач за и враќањето назад да биде на струја.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во случај да се појде со празна батерија, Peugeot 508 SW Hybrid GT Pack ќе работи како нормален хибрид и електромоторот ќе му потпомага на моторот, придонесувајќи за намалена потрошувачка и почиста средина.

Времетраењето на полнењето до 100% изнесува 415 минути, доколку се користи обичен приклучок за струја. При користење ѕиден полнач од продажната мрежа на Peugeot (7,4 kW) или јавен полнач, тогаш полнењето трае 105 минути, односно покусо од два часа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Хибридниот погон не влијае врз големината на товарниот простор, тој е идентичен со класичната погонска изведба, што значи стандардни 530 литри и максимални 1.780 литри. Кој има потреба да влече тешка приколка, на пример глисер, хибридниот погон исто така не е пречка, овој 508 влече 1.340 килограми.

Во прашање се повеќе илјади евра, што државната каса им ги „простува“ на купувачите на возила со приклучен хибриден погон

Уште една добра причина за познавачите да избираат модели со приклучен хибриден погон. Според Законот за данок на возила, автомобили со овој вид погон во Македонија се даночат со 50% од висината што се пресметува врз основа на вредноста на возилото и нивото на штетни материи, во случајов само 30 грами СО2 на километар. Според наша необврзувачка пресметка, тоа се околу 4.000 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos

Ја имате прочитано нашата мариовска трилогија со Peugeot?

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Патуваме со Peugeot низ Мариово: Филмска прашина, скриени богатства, ликови од романи

peugeot 208 - Витолиште, Мариово

Патуваме со Peugeot низ Мариово: Тиквеш, рудници, мистерии, глетки за паметење

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Австрија не сака да гради нови автопати

Фабриките на Volvo во Кина се враќаат во погон

Целиот пазар удолу, Volvo угоре 8,8 проценти до ноември