Француската марка не ја крие одушвеноста од новиот мотор со 270 КС. По купето RCZ R, турбомоторот го задвижува и новиот компакт 308. Засега е концепт, но нема уште долго.
Паралелно со светската премиера на новата генерација на 308, Peugeot ќе ја прикаже и верзијата 308 Concept R. Возилото засега се води како концепт, но со оглед на богатата спортска традиција на марката со лавот, мошне е веројатно дека веќе во текот на следната година буквата R ќе се најде и на сериски модел.
Спортските гени во новиот 308 проработуваат со спуштено подвозје, широка трага и испакнати крила, како и со бандажи со оригинален дизајн и пречник од 19 инчи. Под каросеријата изработена во дел од карбон и лакирана во две бои се крие 1,6-литарскиот турбобензинец од RCZ R, од кого инженерите на марката извлекоа 270 КС. Со специфична моќност од 170 коњски сили по литар работна зафатнина, овој мотор засега го држи рекордот во класата. За целосно искористување на овој потенцијал, на предната оска работи торсен диференцијал, а соодветно се димензионирани и сопирачките.
Покрај новиот 308 и концептот 308 R, на штандот на Peugeot во Франкфурт ќе се најдат уште редизајнираните 3008 и 5008, студијата 208 Hybrid FE и концептот 2008 Hybrid Air. Купето RCZ R, концептниот автомобил Onyx и два тркачки модела на база на 208 ќе демонстрираат дека емоциите секогаш имаат централна улога на Peugeot.