Електричниот Golf чини 28 денари за 100 километри

Актуелниот продажен хит на норвешкиот пазар, Volkswagen E-Golf, со државните субвенции е за околу 9.000 евра поевтин од споредлив модел со бензински мотор

Volkswagen изненадува со два електрични модела. Golf и Up добија верзии со погон на струја и тоа ветува поголема популаризација на чистиот погон.

Верзијата со погон на струја од малечкиот Up троши 11,7 киловатчасови струја на сто километри, додека електричниот Golf за истата релација троши 12,7 киловатчасови. При актуелната цена од 2,03 денари за киловатчас по евтина тарифа, тоа би значело дека сто километри со помалиот модел се минуваат за само 24 денари, односно 28 денари во случајот на Golf.

Светската премиера на електромобилите на Volkswagen ќе биде на салонот во Франкфурт. E-Golf користи електромотор од 115 КС и вртежен момент од 270 њутнметри. Забрзувањето до сто трае 10,4 секунди, а крајната брзина е ограничена електронски на 140 километри на час за да се спречи пребрзо празнење на батериите.

Помалиот модел вози со електромотор со 82 КС, кои се доволни за 12,4 секунди до сто и крајна брзина од 130 километри на час. Со едно полнење, E-Up минува до 160 километри, а поради поголемата батерија Golf вози до 190 километри. Во обата модела се стандард штедливите модуси Eco и Eco+, како и четирите степени на повраток на енергија при сопирање, означени со D1, D2, D3 и B.

Практичноста и искористливоста во секојдневието се исти како кај моделите со обичен погон, а во опремата спаѓа автоматска клима со загревање и ладење во место, радио навигација, греење на ветробранот, дневни диодни светла, а во случајот на Golf, предни диодни светла, како премиера во Volkswagen. Моделите со погон на струја ќе се произведуваат на истата лента со моделите со обичен мотор.

Претходна објаваМаратонско возење на Land Rover: За 50 денови до Мумбаи
Следна објаваPeugeot 308 Concept R: Спортските гени проработеа повторно

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here