за

Каков избор на користено возило е: Peugeot 208/207

Каков избор на користено возило е: Peugeot 208/207
Каков избор на користено возило е: Peugeot 208/207

Peugeot пред крајот на минатата година изврши генерациска смена кај 208, со тоа се намалија и цените на моделот од претходната генерација на пазарот на користени возила. Во поглед на издржливоста, неколку подрачја се подобриле во споредба со 207, но и многу од проблематичните подрачја останале.

Peugeot 208

  • Производство од 2012 до 2019 година
  • Мотори од 68 КС (68 VTi) до 208 КС (GTi 30)
  • Безбедност на краш тест на Euro-NCAP (2012 г.) 4 ѕвезди

Peugeot 208 при премиерата во 2012 година беше меѓу малкуте модели што во новата генерација беа помали од претходникот. Должината се скуси за седум сантиметри, но и тежината се намали за стотина килограми. За разлика од претходникот Peugeot 207 од 2006 година, во оваа моделска генерација повеќе не се нудеше комби и кабриолет. Кокпитот доби свеж изглед, меѓутоа многумина имаат забелешки за малиот волан, што буквално им паѓа во скут на повисоките возачи.

Амортизацијата е помека во споредба со 207. Со тоа се докажува клишето за комфорот на француските автомобили. Единствено GTi го задржа тврдото подвозје. Понудата од погонски единици е богата, вклучувајќи и дизел со 120 КС. При возење во град пречи тоа што на Peugeot 208 му е потребно многу простор да сврти. Седиштата, пак, не се посебно комфорни.

Број на дефекти по одделни подрачја кај Peugeot 208/207 во споредба со просекот во класата

(подрачјата со црвена боја се многу послаби од просекот, со зелена боја се подобри)

New photo by Automedia MK / Google Photos

Податоците за дефектите се базираат врз статистиката што ја водат техничарите на TUV во Германија

Во оваа генерација на градскиот модел на Французите се чести проблемите со спојката, како и со дизел моторите, кај коишто се појавува разредување на моторното масло. Отсуството на систем старт-стоп во гамата нема да им се допадне на возачите кои сакаат да имаат пониска потрошувачка на гориво во град. Следното што разочарува кај 208 е евтината пластика во внатрешноста. Претходната табела покажува кои се проблематичните подрачја на Peugeot 208 и на неговиот претходник 207 (црвена боја), а кои се добрите подрачја (зелена боја).

Peugeot 207

  • Производство од 2006 до 2015 година
  • Мотори од 73 КС (1.4) до 175 КС (RC)
  • Безбедност на краш тест на Euro-NCAP (2006 г.) 4 ѕвезди
New photo by Automedia MK / Google Photos

Со должина од преку четири метри, Peugeot 207 е градски автомобил со многу таленти, земајќи ги предвид комбито и кабриолетот со преклоплив метален покрив. Безбедносната опрема вклучува четири воздушни перници и АВЅ, во поновите годишта почнаа да се вградувааат и ЕЅР и воздушни перници за глава.

Забелешките почнуваат уште од подвозјето што е тврдо и тропа, а во основното ниво на опрема се добиваат и неудобни мали седишта. Единственото со што 207 заслужува внимание се ниските цени на пазарот на користени возила. По 2007 година, под хаубата почнаа да се вградуваат истите штедливи мотори како во Mini (со 95 и 120 КС), врвот им припадна на бесните турбо-мотори, дизели секако не недостигаа.

Наспроти проблемите што пречат во секојдневието, како тврдото подвозје и неудобните седишта, посериозни се проблемите со турбото кај 1,6-литарските дизели. Бензинецот 150 THP исто така е лош избор, поради проблемите што ги предизвикува хидрауличниот затегнувач на синџирот. Слабата затегнатост предизвикува тропање на синџирот при ладен старт. Со текот на времето, се јавува абење на синџирот и развлекување. Слаба страна на Peugeot 207 се и честите проблеми во електриката, како што се дефекти на електриката на прозорците, на индуктивниот калем (бобина), на пумпата за гориво, на алтернаторот, стартерот (анласер) и палењето на предупредувачките светилки за проблеми со системот за ладење.

ОЦЕНИ ПО КАТЕГОРИИ

ПОДВОЗЈЕ

Подвозјето не е проблематично кај 208, но приказната е сосем различна кај 207. Пружините и амортизерите почнуваат да покажуваат слабости по четвртата година. Истото важи и за сферичните сглобови (споните).

СВЕТЛА

Ова поглавје не е светла страна ниту за 208, ниту за 207. Често се неисправни задните светла, трепкачите и собореното светло.

СОПИРАЧКИ

Трошењето на сопирачките дискови кај Peugeot 207 и 208 е поголемо до просекот во класата, но не е критично. Градскиот модел е малку под просекот и во поглед на дејствувањето на сопирачките. Наспроти тоа, нема проблеми во водовите, цревата и во паркирната сопирачка.

МОТОР И ИЗДУВ

Издувниот систем кородира многу брзо кај малечките модели на Peugeot, проблемот кај 208 се појавува уште по втората година. Протекувањето масло од моторот и надминувањето на штетната емисија се слаба страна само кај Peugeot 207.

ЗАКЛУЧОК

Peugeot 208 постигна напредок во споредба со претходникот 207, во поглед на издржливоста. Но, слабите страни останаа, особено во светлата, издувот, а во одредена мерка и во сопирачките. Протекувањето масло кај Peugeot 207 може да чини скапо. Според статистиката, тоа е честа појава кај овој модел. Автомобилот по само неколку години почнува да ги надминува и дозволените вредности за издувните гасови.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бесмислено или генијално: Филтер за воздух за велосипедисти

Бесмислено или генијално: Филтер за воздух за велосипедисти

Mercedes S-Class 2020

Mercedes S-Class пристига годинава, први детали за изгледот