за

Peugeot 205 turbo 16 потсетува на златните времиња на релито

Примерок од рели-болидот Peugeot 205 turbo 16 од сопствената колекција на марката е изложен во музеј во Торино како потсетување на дивите 80-ти години во рели-спортот.

Марката со лавот отсекогаш била дел од светскиот мотоспорт и има напишано важни поглавја во историјата, посебно во светот на релито, во легендарната и контроверзна Група Б во 1980-те години. Peugeot 205 turbo 16 му донесе две светски титули на францускиот производител.

Peugeot ја понесе титулата на шампион, во конкуренција на конструктори, во најбурните години што ги има доживеано светот на релито. Во групата Б, којашто постоеше меѓу 1982 и 1986 година, Peugeot 205 turbo 16 ѝ донесе на марката една титула на најдобар производител и една титула за најдобар возачки тим. Тоа беа 1985 и 1986 година, со возачки имиња од калибарот на Тимо Салонен и Јуха Канкунен.

Еден од официјалните примероци од моделот што Peugeot ги чува во својот музеј во Сошо, од викендов е дел од изложбата во Националниот автомобилски музеј на Италија, МАУТО, во Торино. Изложбата е во чест на златните години на рели спортот.

Возилото што е во сопственост на „L’Aventure PEUGEOT“ во Сошо е изработено во 1986 година. Токму овој Peugeot 205 turbo 16 Evo2 има возено на финското Рели 1000 Езера, со Јуха Канкунен зад воланот и Јуха Пиронен како копилот. Тоа е голема гордост на тимот на Peugeot Sport, којшто е основан само неколку години пред „turbo 16“. Производителот си направи одлична реклама, затоа што сцената во секој 205 на улица ја препознаваше тркачката 205, што победуваше во најсилната категорија во рели.

По укинувањето на Група Б, којашто беше премногу скапа за производителите и премногу опасна за публиката, Peugeot 205 продолжи да се натпреварува, и двапати учествуваше на легендарното рели Париз-Дакар, во 1987 и 1988 година.

Оваа врска меѓу сериските модели и тркачките болиди од врвните дисциплини во мотоспортот, денес ја продолжува Peugeot 9X8, којшто сезонава се вклучи во првенството во издржливост WEC, во категоријата на хиперавтомобили. В година е сосем извесно дека 9X8 ќе го гледаме и на 24 Часа Леман. Сериски пандан на 9X8 се лимузината и комбито Peugeot 508 PSE, со моќен бензинец, но и со два електромотори, што заедно даваат 360 КС.

Изложбата „The Golden Age Of Rally“ во Торино е патување низ историјата на рели-спортот, во периодот меѓу 1960-те и 1990-те години, преку иконски тркачки болиди што се имаат докажано во мотоспортот. Возилата ќе може да се погледнат во музејот до 2-ри мај 2023 година.

Часовници изработени од сопирачките од Peugeot 9X8

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jeep Renegade: Кога градски автомобил е мал, а компакт е слаб

Tesla повторно сече германска шума, фабриката во Берлин се проширува