за

Peugeot во Германија со 1.200 евра ваучер за гориво

Купувачите на нов автомобил Peugeot во германската мрежа добиваат рабат на гориво, во висина од 1.200 евра.

Во Германија се крена силна врева околу таканаречениот танк-рабат. Возачите се радуваа дека цената на горивото ќе се сведе на повеќе подносливо ниво, но непосредно пред воведувањето на рабатот, нафтените компании ги кренаа цените на горивата. Кој друг ќе се јави како спасител, ако не производителите на автомобили, конкретно Peugeot. При купување нов автомобил Peugeot, со исклучок на електричните секако, следува ваучер за гориво вреден 1.200 евра.

Така автомобилските марки си освојуваат поени во јавноста. Во Peugeot отсекогаш внимавале марката да ја постават да биде блиска до народот и до клиентите, и тоа се покажува постојано. Најновиот пример дури доаѓа од Германија, каде што на купувачите на нов автомобил Peugeot со мотор со внатрешно согорување, до крајот на август им следува Peugeot Tankrabatt, односно рабат при полнење гориво.

Заедно со клучот од возилото, партнерот на Peugeot на своите клиентки и клиенти им предава ваучер за гориво во висина од 1.200 евра. Понудата важи за нови модели со мотор со внатрешно согоривање од моделските седии PEUGEOT 2008, PEUGEOT 3008, PEUGEOT 5008, PEUGEOT 308, PEUGEOT 308 SW, PEUGEOT 508 и PEUGEOT 508 SW. Според германскиот огранок на марката со лавот, на овој начин „производителот на автомобли реагира на растечките финансиски оптоварувања на германските домаќинства“.

Директорот на PEUGEOT Deutschland, Хаико ван дер Лујт, објаснува: „Сé поскапува: Храната, греењето, па и горивото. Ние нудиме рабат за гориво, што функционира. Ваучер за гориво вреден 1.200 евра не е занемарлив. До 31-ви август 2022 година им доделуваме рабат за гориво за сите потпишани договори за нов автомобил на нашите клиентки и клиенти“.

Во тековната кампања е вклучено и новото лице на лавовската марка, PEUGEOT 308. Компактниот модел постигнува одлична продажба на германскиот пазар, по стартот во јануари. Веќе неколку седмици во понудата во Германија е вклучен и комби-моделот, којшто традиционално ужива висок удел во продажбата на моделот. Според информации од нашите читатели, токму Peugeot 308 SW беше меѓу првите испорачани примероци од новата моделска серија на 308.

Еден „летен“ кадар од нашето патешествие низ Македонија со новиот Peugeot 308, кога извозевме рута во форма на 8, бројот на Peugeot · Линк до инстаграм

Во Германија постои големо незадоволство поради самоволието на нафтените компании. Владата на Шолц навремено стартуваше со рабат за гориво, со којшто на возачите на автомобили со бензински мотор им се одбиваат по 35 центи од литар при секое полнење гориво, односно 17 центи за дизел. Но, тоа што властите добронамерно го предвидоа, нафтените компании во голем дел го уништија, затоа што ги качија цените на горивата. Покрај тоа, не постои обврска за почитување на рабатот за гориво и идејата за пониски цени нема ниту трага. Директорот дан дер Лујт: „Рабатот за гориво на Peugeot нема да го изиграат, тоа можеме да им го ветиме на нашите клиентки и клиенти“.

Сите салони на Peugeot во Германија се впечатливо излепени со реклами за новата кампања, а исто се оди на масовност и во социјалните мрежи.

Сите модели на Peugeot што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=peugeot

Во 1893 година: Првиот автомобил во Италија бил Peugeot

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen на 7-ми јули почнува изградба на фабрика за батерии во Залцгитер

Патики AMG се вистинското нешто за возачите на спортската марка на Mercedes