Станиците за наплата на патарина на француските автопатишта постојано го задушуваат сообраќајот. Возачите мораат долго да чекаат, а дополнително и животната средина се загадува поради емисијата на гасови од колоните возила што одвај се движат.
На Французите им е важно да ги вратат и големите површини земјиште што во моментов се зафатени со масивните градби за станици за патарина. Земјата цели да го подобри сообраќајниот тек и да го спречи задушувањето на сообраќајот на рампите за наплата на патарина.
Отстранувањето на станиците за патарина не значи и дека Французите нема да плаќаат за користењето на автопатиштата. Возилата во иднина ќе се препознаваат преку скенирање, а патарината ќе се наплатува електронски. Долж патиштата ќе се поставуваат носачи на коишто ќе се наоѓаат ласерските читачи.
Техниката се заснова врз таканаречената Télépéage, којашто веќе е во масовна примена од страна на возачите кои често го користат автопатот. Станува збор за наплата на патарина преку електронско следење на возилото. Потребниот уред се поставува зад ветробранот и негово отчитување досега се вршеше при минувањето низ станицата за патарина. Во иднина, наплатата ќе може да се врши по завршетокот на целото патување.
Возачите што ретко ги користат автопатиштата, може да се пријават на интернет, користејќи ја регистерската ознака на своето возило и да дозволат автоматска наплата, затоа што скенерите ја снимаат и регистерската ознака на возилото. Покрај тоа, може да се плаќа одложено до 72 часови, преку вебсајтот на операторот со автопатиштата. Истото може да се изврши и во трговската мрежа од продавници по патиштата. Новиот систем користи повеќе тарифи, земајќчи го предвид видот на возилото, но и емисијата на штетни гасови на истото.
Во почетокот, системот ќе се применува само на делниците на коишто не сообраќаат туристи
Бидејќи операторот со француските автопатишта во моментов има пристап само до возилата што се регистрирани во земјата, новиот систем во почетокот ќе се применува само на правците, што не се оптоварени со туристи. За странските возила уште е отворено прашањето, како ќе се казнуваат прекршителите што избегнуваат да платат патарина.
Само на делницата A13/A14 од Париз кон Нормандија, на годишно ниво ќе се спречат 1,7 милион часови поминати во чекање на патарините. Воедно ќе се заштедат и 9,5 милиони литри гориво, односно животната средина ќе се поштеди од 30.000 тони СО2. Модернизирањето на патарината значи и поскапување на истата.
По цена на словенска вињета за една година, во Македонија деветпати до Гевгелија