за

По цена на словенска вињета за една година, во Македонија деветпати до Гевгелија

Неизмерна е радоста на властите кога градат автопатишта. Народот среќен, државата богата. Но, дали постоечкиот систем за наплата на патарина уште е соодветен?

Колку пари за гориво, толку за патарина. Тоа не мора да биде многу далеку од реалноста. Во Македонија се наплаќа патарина на 30 места, сметано во двете насоки. Највисоката патарина изнесува 100 денари. Тоа можеби не е многу, но доколку тој пат се минува десетпати во месецот, тоа се веќе 1.000 денари. Возачите бараат воведување вињета.

Доколку човек се реши од Скопје да отпатува со автомобил до Гевгелија, па понатаму можеби до Дојран или Кожуф, тоа ќе биде трошок од 720 денари само за патарина, сметајќи го и враќањето. Во случај автомобилот да е од градската или компакт класата, со пристоен дизел мотор, или уште подобро со хибриден погон, за вкупниот пат од околу 300 километри, може да се мине со четири литри дизел или бензин. Според сегашните цени (21.09.2021, литар бензин 73 денари, литар дизел 62 денари), тоа би било вкупно 12 литри дизел или 12 литри бензин, односно 744 денари или 876 денари соодветно. За патарина за таа релација, што се минува за час и половина со пристојна брзина, се наплаќаат 720 денари.

Властите во Македонија долго време се однесуваат како маќеа кон сообраќајот и автомобилизмот воопшто, место како мајка што ќе се грижи за граѓаните. Дали намерата е автопатиштата да се поштедат и да се наплаќаат прескапи патарини, за народот да ги користи споредните патишта, на коишто е ослободен од дополнителни трошоци? Сите споредни патишта што водат од Скопје кон соседните градови, во правец кон Тетово или кон Куманово, повеќе се оптоварени со сообраќај отколку автопатиштата што водат до истото одредиште. Истото важи и за споредниот пат до Катланово, заради избегнување на патарината кај Петровец. Масовно се користи и скршнувањето кај Р’жаничино, па продолжувањето преку Долно и Средно Коњари, за да се избегне наплатата на патарина кај Миладиновци, при патување кон Штип.

Властите најсилно разгласуваат дека изградиле патишта, народот одушевен, а потоа сите продолжуваат по споредните патишта

Народот масовно ги избегнува автопатиштата, властите најгласно што може ги опеваат автопатиштата, небаре тоа е влог во фабрика од којашто ќе имаат корист и народот и државата, а народот иако бега од автопатиштата, пак со одушевување ги поздравува вестите дека ќе се гради нов автопат или дека е пуштен во промет одредена нова делница од патот од највисока категорија. Зарем забораваме дека за секој пат што се гради ќе се наплаќа патарина што е светлосни години далеку од реалната платежна моќ  на македонскиот народ? Тоа се традиционалните македонски парадокси, што важат универзално на целата територија на државата.

Наскоро и новиот автопат до Штип ќе се избегнува и ќе се бараат споредни патишта. Изградбата на станиците за патарина е веќе при крај, ништо во Македонија не се гради толку брзо како станица за патарина. Кога ќе заврши изградбата на прочуениот автопат до Охрид, зарем се заборава дека и патувањето до духовното јадро на Македонија ќе чини многу повеќе отколку досега?

Најмалку е потребно да се бараат причините, зошто масовно се вози по споредните патишта, место по воспеваните автопатишта, што се оставаат како гордост на секоја власт што си заминала. Постои една и единствена причина, а тоа е висината на патарината. На тоа се надоврзува и неквалитетот во проектирањето, изградба и лошото одржување на автопатиштата, меѓутоа е несомнено дека голем дел од возачите што со години го користат споредниот пат ќе се вратат на автопатот и ќе ја прифатат неговата состојба – што значи ќе возат со четири очи – доколку цената на патарината е разумна.

Решение не треба допрво да се пронаоѓа, туку мора да се примени. Словенија, Унгарија, Австрија, Чешка, Словачка, Швајцарија, Романија, Молдавија, Бугарија, во сите држави постои систем за наплата по принцип на вињета. Пример Словенија. Земјата го воведе системот на 1-ви јули 2008 година, по што е забележан голем пораст во интензитетот на користење на автопатиштата. Свесни за животната средина, Словенците понатаму укажуваат дека и се избедгнува и проблемот со загаденоста на воздухот во делот околу станиците за наплата на патарина. Тие две минути дишење загаден воздух додека се чека зад издувот на автомобилите напред, можат да бидат доволни за да остават траги врз организмот.

Типови и цени на вињети во Словенија

За мотоцикли

  • Една година 55 евра
  • Половина година 30 евра
  • Една седмица 7,50 евра

За автомобили и возила за кампување

  • Една година 110 евра
  • Еден месец 30 евра
  • Една седмица 15 евра

За доставни возила до 3,5 тони

  • Една година 220 евра
  • Еден месец 60 евра
  • Една седмица 30 евра

Доколку властите ја користат интелигенцијата во интерес на народот, можеби тогаш Македонија вистински ќе ја користи придобивката од автопатот. Дали државата ќе наплаќа повеќе средства доколку сегашниот систем на патарина се замени со наплата преку систем на вињета? Нормално, да. Дали возачите ќе бидат среќни што повеќе не мораат да возат по спореден пат, под постојан стрес дека од попречните патишта може да излезе трактор, дека претоварен камион може да не успее да запре навреме пред да се вклучи на патот или дека отстрана може да истрча животно? Нормално, да. Дали возачите ќе бидат вистински благодарни за тоа што повеќе не ќе мораат да плаќаат десетици илјади денари годишно на име патарина? Тоа, најмногу.

Од Тетово до Скопје по најквалитетен спореден пат, платен скапо, од Велес во Скопје по беспаќе на коешто нема фрлено асфалт веројатно од титово време

На следново прашање уште немаме добиено одговор: Зошто споредните патишта до Тетово и Куманово се сите во беспрекорна состојба, вклучувајќи го и неодамнешното обновување и осовременување на делницата до Тетово, преку Сараќино и Желино. Тоа е веројатно најквалитетниот и најскапо обновен спореден пат и пошироко од Македонија. Во исто време, споредниот пат до Велес, преку Катланово, до Централна Македонија, па понатаму до секој крај на оваа наша најубава држава, срамотно е запуштен. Зошто луѓето што доаѓаат на или за работа во Скопје од Велес, Прилеп, Битола, од целиот регион, не можат да ја имаат привилегијата да пристигаат на работното место без трошок за патарина? Не мора да доаѓаат на работа, нека доаѓаат чисто за забава!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

3 коментари

Одговори
  1. Поздрав до Дарко и целосна согласност за написот за патарините.
    Да го дополнам.На секои 20-30 км наплатни рампи.Можеби 15 тина по 3 по правец 45 .Во двете насоки 90 по 4 извршители ,наплатувачи= 360. Да не зборуваме струја вода греење ладење.
    И после ЈП за државни патишта во загуба.Нека ги зголемат патарините….1000ден гориво , 1000 ден патарина.

    • Поздрав Љубе, ова е голема тема и очигледно дека сите имаме исти гледишта на тоа. Следно е да извозиме делница од автопат со автомобил што реално ќе потроши помaлку гориво, отколку што е цената на патарината за истата 😀

  2. Istoto se odnesuva i za zelen karton , nekojpat obavezno bese so samata registracija , realno nie sme mala zemja , od edena granica , Tabanovce do druga Djevdjelija pomalku od 200km, mislam da nema avtomobil da ne zaminal nadvor od drzavata , a najgolem del se 2-10 pati godisno sto na odmor , sto vo poseta kaj priateli. a cenata e 5500denari .Ako taa cena e dodadete na patarinite ispadja djavolski skapo.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германски изум: Од кој политичар би купиле користен автомобил?

тест на зимски гуми на ADAC 2021 година димензија 195

Голем тест на зимски гуми на ADAC: Димензија 195/65 R15