за

Голем тест на зимски гуми на ADAC: Димензија 195/65 R15

Снеговите уште се далеку, но сега е вистинското време да почне потрагата по добри зимски гуми и да се избегне метежот. Тестот на ADAC е од голема помош.

тест на зимски гуми на ADAC 2021 година димензија 195

Снег, мраз, мокар асфалт и студ: Тоа се предизвиците што студеното годишно време ги поставува пред зимските гуми. Клубот ADAC како и многу години досега ги стави на проверка моделите што производителите на гуми од сите класи ги имаат моментно во понуда. На тест се најдоа 16 тековни модели на зимски гуми за модели од компакт класата.

Новите автомобили доаѓаат со најразлична димензија на гуми, но димензијата 195/65 R15 во брзинската класа T до 190 km/h и натаму е меѓу најпродаваните, барем во делот што се однесува на зимските гуми. Оваа димензија обично се вградува во модели од компакт класата, односно во Golf & Co.

Клубот ADAC генерално доби позитивен заклучок од тестот, затоа што само еден од 16 модели на гуми мина со задоволителна оцена, што значи дека за него важи само условна препорака. Четири тестирани модели на зимски гуми добија оцена многу добро, додека за останатите единаесет модели важи оцената добро.

При изборот на гуми е важно да се има предвид сопствениот стил на возење

Важно е при изборот на гуми, раководејќи се според резултатите од тестот на ADAC, возачот да го има предвид личниот стил на возење, затоа што во тој случај честопати може да се најде модел на гуми чијшто својства одговараат повеќе за конкретниот случај. Речиси сите гуми го минаа тестот без да покажат поголеми слабости на сува и на влажна подлога. Наспроти тоа, само два модели добија добри оцени за својствата при возење по снег. Во поглед на влијанието врз потрошувачката на гориво, како и во својствата на мраз, сите гуми на тестот исто така покажаа примерно однесување.

Тоа паѓа во очи: Кога ќе се погледнат резултатите од тестот на абење, се воочува дека просечната предвидена километража добиена од сите гуми на тестот изнесува 27.300 километри. Тоа не е посебно голема километража. Распонот се движи меѓу 34.400 километри (Michelin) и 21.800 километри (Maxxis).

Четири модели се издвојуваат со добри резултати во сите критериуми

Четири зиомски гуми во тестираната големина ја добија ценетата оцена „многу добро“ на ADAC. Моделите се Dunlop Winter Response 2, Goodyear UltraGrip 9+, Michelin Alpin 6 и Vredestein Wintrac. Овие гуми добија високи оцени, затоа што покажаа одлични резултати во сите критериуми на тестот. Тука исто така вреди да се посвети повеќе внимание во резултатите во тестот и да се најде моделот што најдобро одговара според стилот на возење. Разликата сепак се сведува на нијанси.

Братските модели од ист концерн, Dunlop и Goodyear, покажаа одлични својства на суво, но најмногу одушевија со својствата при возење по снег. Dunlop Winter Response 2 е добар избор за возачите што не сакаат зимските гуми премногу да им ја зголемат потрошувачката на гориво, додека UltraGrip 9+ става повеќе нагласок на својствата при возење по влажен пат и по мраз.

Michelin Alpin 6 традиционално поентира во абењето, а на овој тест гумите покажаа и најдобри својства по сув пат. Кој внимава повеќе на штедливоста и екологијата, може да ги избере Vredestein. Тие се одликуваат со најниска потрошувачка на гориво и со мало абење.

Со мал заостаток следат BFGoodrich und Continental

По најдобро пласираните гуми на тестот следат g-Force Winter2 од BFGoodrich, клојашто е втора марка на Michelin, како и Continental WinterContact TS 860, што пропуштија врвна оцена само поради отстапувањето на резултатите во еден од главните критериуми за оценување на гумите на тестот. Двата модели покажаа одлични вредности на тестот на абење и добри се и на снег и мраз. Но, на сув и на влажен пат, тие имаат спротивен карактер: Додека BFGoodrich на сува подлога одушевува со висока прецизност и безбедни возни својства, нивна слабост е влажниот пат. Тоа важи само во споредба со резултатите од останатите гуми на тестот. Поради тоа, овие гуми пропуштија подобар пласман.

Наспроти тоа, Continental си обезбеди врвна оцена на влажен пат, но затоа има мали слабости на сува подлога. Посебно на возачите што имаат попрефинето чувство ќе им недостига поголема повратна информација. На следниот тест на ADAC ќе се покаже дали новиот модел TS 870, што веќе е во продажба, подобро се однесува во тој поглед.

Намалена оцена поради преголемо абење

Следните четири модели на гуми во табелата имаат заедничко својство. Сите се одликуваат со релативно добри возни својства во главните критериуми за возењето, но губат бодови за заклучната оцена, поради послабите резултати на тестот на абење. Поради тоа, крајната оцена им е намалена за едно. Bridgestone Blizzak LM005 има мошне добри перформанси на сув пат и го постигнува вториот најдобар резултат на сува подлога. Но, неговото поголемо абење е придружено и со послаби резултати на снег, поради што мораше да се намали оцената.

Falken Eurowinter HS01 имаат добри резултати на суво, како и на снег и на мраз, но се послаби на влаќен пат. Различен случај се i FIT + LW31 + од Laufenn, што е втора марка на Hankook. Тие се малку послаби на суво, но затоа покажуваат одлични вредности на влажен пат и имаат врвни резултати на снег и на мраз. Maxxis Premitra Snow WP6 се добри на сув и на влажен пат, исто и на мраз, но затоа нивните својства се послаби на снег.

Овие гуми се послаби на влажен пат

На останатите пет гуми со оцена добро им е намалена оцената поради одделни слабости во возните својства. Yokohama BluEarth*Winter V906 одушевуваат на сув пат, како и на снег и на мраз. Но, кај нив останува уште многу простор за подобрување во поглед на абењето и својствата на влажно. Barum Polaris 5 имаат мошне добри резултати на снег и на мраз, но затоа заостануваат во својствата на сув пат, а уште повеќе при возење на влажен пат.

Во случајот на Nokian WR Snowproof, коишто покажаа одлични резултати во сите останати критериуми, за намалената крајна оцена се заслужни единствено слабостите на влажен пат. Истото важи за General Tire Altimax Winter 3 и за GT Radial Winterpro2, но кај нив многу повеќе се изразени слабостите. Резултатите се на граница на оцената „доволно“. Последното место им припадна на Kumho Wintercraft WP51, поради слабите перформанси на сув пат, како и прекумерното зголемување на потрошувачката на гориво.

ТАБЕЛА СО РЕЗУЛТАТИ ОД ТЕСТОТ НА ЗИМСКИ ГУМИ НА КЛУБОТ ADAC

Димензија 195/65 R15

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест на зимски гуми на АДАК со димензија 205/55 R16 (2020 год)

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

По цена на словенска вињета за една година, во Македонија деветпати до Гевгелија

Audi го чисти Дунав од пластиката во Будимпешта