за ,

Тест на зимски гуми на АДАК со димензија 205/55 R16

Тестовите на клубот АДАК се непогрешлив ориентир при изборот на зимски гуми. За штотуку започнатата зимска сезона, помага и да се знае кои гуми да се избегнуваат.

Тест на зимски гуми на АДАК со димензија 205 -55 R16

Од 15 модели на зимски гуми што се најдоа на редовниот годишен тест на клубот АДАК, пет модели добија оцена многу добро, додека седум гуми се оценети со добро. Еден модел зимски гуми е на граница и доби само преодна оцена. Два модели паднаа на тестот, поради слабите својства на влажна подлога.

Прво добрите вести. На сеопфатното и објективно тестирање на АДАК, пет модели на зимски гуми добија посебна препорака од клубот. Тоа важи пред сé за Bridgestone Blizzak LM005, кои се одлични на влажна, но и на сува подлога. Во споредба со останатите модели во врвната група, овие гуми сепак се абат најмногу.

Возачите што минуваат подолга километража е подобро да ги изберат второпласираните Michelin Alpin 6. Француските премиум гуми се малку послаби на сув пат, но затоа добија одлична оцена при тестот на абење, со прогнозирана издржливост од 43.000 километри.

Dunlop Winter Sport 5 и Hankook i*cept RS2 постигнуваат добри резултати на сув пат. Кај Dunlop се „размекнуваат“ возните својства откако гумите ќе се загреат. Задната оска на Golf VII GTI, кој служеше како возило за тестирањето, во тој случај делува по малку еластично. Наспроти тоа, Hankook е на граница при избегнување ненадејна пречка, затоа што опашот при враќањето влече силно нанадвор. На влажна и снежна подлога, двете гуми покажуваат добри резултати. Dunlop одушевува и во поглед на абењето, со прогнозирана издржливост од 39.500 километри.

Зелената“ група ја комплетираат Maxxis Premitra Snow WP6, зимски гуми од тајвански производител. Тие добиваат добри оцени на сува и влажна подлога, но се добри и на снег и во поглед на издржливоста. Во целина, сите пет кандидати на тестот имаат избалансирани својства и тоа им донесе добар резултат на крај.

Моделите на зимски гуми од средината на табелата се послаби на суво

Седумте гуми во групата со обична препорака покажаа мала слабост во возните својства на сув пат. Тоа влијаеше врз вкупната оцената за поглавјето при возење по сув пат, па соодветно им беше намалена и крајната оцена на овие гуми.

Сите модели му обезбедуваат на возачот добра повратна информација во свијоци, но поради тоа што задната оска делува по малку еластично, тест возилото послабо држи правец. На тој начин, возачот губи чувство врз возилото. Сето тоа подетално во стилот на АДАК: Не е едноставно, воланот да се намести за точно да го следи свијокот и поради тоа е неопходно постојано да се додава или да се одзема воланот. Во исклучителни случаи, при избегнување ненадејна пречка, опашот силно влече нанадвор и потоа тест возилото подлежи на надуправување, кога возачот ќе го врати воланот – точно поради таквото однесување им беа одземени бодови на Pirelli Cinturato Winter и Giti GitiWinter W1.

АДАК ги тестира гумите на повеќе локации: Тестовите на сув пат се вршат на патеката на Bridgestone во Италија, за тестовите на влажна подлога и за влијанието врз потрошувачката на гориво и бучавата се користи патеката на фирмата Continental во Германија, абењето се мери во реално возење во подрачјето на Ландсберг, отпорноста на брзини се проверува во институт во Дармштат, додека тестирањата на снег се вршат во Финска. На крај, својствата на мраз се проверуваат на специјална патека на производителот Continental.

Некои добри модели на гуми пропуштија да се пласираат повисоко поради слабите перформанси на сув пат. Continental WinterContact TS 860, на пример, на влажно ги има вторите најдобри резултати од сите гуми на тестот. Goodyear UltraGrip 9+ и Pirelli Cinturato Winter исто така одушевуваат на влажно, а ги постигнаа и најдобрите резултати на снег во целата конкуренција.

Falken Eurowinter HS01 исто така не постигнува задоволителни резултати на пат покриен со снег. Sava Eskimo HP2 и GitiWinter W1 имаат само просечни својства на влажен пат. Sava не се покажа добро во поглед на управливоста, кај Giti има проблем во аквапланингот и во управливоста. Доколку се исклучат својствата на сув пат, Toyo Observe S 944 доби добри оцени во сите останати главни критериуми, иако на влажен пат е на граница.

Semperit Speed-Grip 3, се покажаа добри на влажно и се меѓу првите 3 гуми на снег, но и покрај тоа добија само условна препорака. Таа има големи слабости на сув пат. Гумите попуштаат како што им се зголемува температурата. При избегнување ненадејна пречка, опашот лизга нанадвор, а при враќањето, возилото рано почнува да покажува подуправување.

Не се препорачуваат King Meiler Winter Tact WT81, како единствени протектирани гуми на тестот. Во целина, нивните својства на влажен пат се преслаби. Тие не само што сопираат најдолго, туку имаат слаби резултати и во поглед на управливоста. На сув пат исто така се покажуваат огромни слабости, а имаат и најслаб комфор.

Протектираните King Meiler сепак постигнуваат задоволнителен резултат на снег и издржуваат најдолго од сите тестирани гуми, со прогнозирани 45.000 километри. Но, слабостите во критериумите што се решавачки за безбедноста се преголеми.

Не задоволуваат ниту Tristar Snowpower HP, последни гуми на тестот. Тие постигнуваат најкус пат на сопирање на сув пат, но затоа се слаби на снег. Најпроблематични се нивните слабости на влажен пат: Управливоста и отпорноста на аквапланинг во свијоци се премногу слаби.

Сите модели на зимски гуми на тестот на АДАК за 2020 година

(завршната оцена по целото тестирање е наведена под моделит на секоја гума, легендата за оцените е на крајот на списокот)

Со особена препорака

Bridgestone Blizzak LM005

2,0

Michelin Alpin 6

2,1

Dunlop Winter Sport 5

2,2

Hankook i*cept RS2

2,2

Maxxis Premitra Snow WP6

2,4

Со обична препорака

Falken Eurowinter HS01

2,9

Continental WinterContact TS860

3,0

Goodyear UltraGrip 9+

3,0

Sava Eskimo HP2

3,1

Toyo Observe S 944

3,2

Pirelli Cinturato Winter

3,3

Giti GitiWinter W1

3,4

Со условна препорака

Semperit Speed-Grip 3

3,7

Не се препорачуваат

King Meiler Winter Tact WT81

5,4

Tristar Snowpower HP

5,5

Легенда за оцените:

Оцена од 0,6 до 1,5 – одлично; Од 1,6 до 2,5 – многу добро; Од 2,6 до 3,5 – добро; Од 3,6 до 4,5 – доволно; Од 4,6 – недоволно

Преглед на возила што користат гуми со димензија 205/55 R16

Следните модели, зависно од моторот и опремата, може да ја поседуваат тестираната големина на гуми.

Audi A3

BMW Серии 1, 2, 3

Ford C-Max, EcoSport, Focus

Hyundai i30, Ioniq, iX20

Mercedes A-, B-, C-Class

Opel Astra, Meriva, Zafira

Skoda Octavia, Scala, Superb

Toyota Auris, Corolla, GT86

VW Caddy, Golf, Jetta, New Beetle, Passat, Touran

>>> Каков избор се евтините азиски гуми за сите сезони?

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota TS050 со шампионска титула заминува во пензија

Toyota TS050 со шампионска титула заминува во пензија

Дваесетметарски автобуси Mercedes ќе возат во Гетеборг

Дваесетметарски автобуси Mercedes ќе возат во Гетеборг