за

Каков избор се евтините азиски гуми за сите сезони?

Шест евтини гуми за сите сезони се најдоа на споредбен тест со квалитетна гума, сите шест гуми беа далеку под нивото на гумата за споредба.

Каков избор се азиските гуми за сите сезони

Едни гуми за лете и за зиме? Шест марки гуми од нискобуџетниот сегмент беа ставени на стручно тестирање на патека на Goodyear, резултатите за дел од нив се застрашувачки.

Зимите стануваат сé поблаги, а замената на летните гуми со зимски и обратно за некои возачи е непотребно мачење. Во тој случај, гумите за сите сезони се како измислени. Нивната продажба во европски рамки расте. Некои возачи си го поставуваат прашањето: Дали да купам нови зимски гуми или подобро да ставам комплет евтини гуми за сите сезони?

Овие гуми би требало да имаат предности, особено во земјите во коишто паѓа малку снег. На тој начин се заштедува, затоа што нема потреба да се купува по еден комплет за лето и за зима. Нема ниту трошоци за промена на гумите во вулканизерска работилница и за балансирање, а возачите кои се решаваат на таква можност нема да плаќаат ниту за складирање на сменетиот комплет гуми.

Производителите од Далечниот Исток открија дека има голем потенцијал во овој пазар. Експертите ценат дека евтините гуми веќе постигнуваат пазарен удел од една четвртина. Но, дали овие гуми за лете и за зиме навистина се добар избор?

На патека за тестирање беа ставени на проверка шест гуми од азиски производители со димензија 205/55 R16, којашто е честа меѓу гумите за сите сезони. За споредба служеше квалитетна гума од европска продукција. Имињата на евтините гуми ветуваат многу, но резулатите од тестирањето на Apollo, Ovation, Imperial, Superia, Blacklion и Berlin се разочарувачки.

Доколку два исти автомобили возат еден зад друг и автомобилот напред со квалитетни гуми нагло запре, автомобилот назад со неквалитетни гуми ќе се забие во него со близу 50 km/h

При нагло сопирање на влажен пат, од брзина од 80 km/h, референтната гума постигнува пат на сопирање долг 31,7 метри. Најслабата од евтините гуми има пат на сопирање што е подолг за десет метри (41,6 m). Застрашувачки е и податокот за брзината со којашто возилото со евтините гуми пролетува покрај ознаката на местото на коешто истото возило запира со квалитетни гуми.

Додека автомобилот со референтните гуми запира по близу 32 метри, во случај кога вози со евтините гуми, автомобилот пролетува со брзини до 39 километри на час и запира дури неколку метри подоцна. Тоа е брзината со којашто автомобилот со лошите гуми би удрил во автомобилот пред себе, доколку двата почнат да сопираат со полна сила во исто време.

Податоците важат за запирање од 80 километри на час. Секако дека резулатите се уште позастрашувачки кога се запира од 100 km/h. На местото на коешто автомобилот со квалитетни гуми веќе е запрен, друг таков автомобил со лоши гуми ќе пројури со 49 километри на час.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Разликата меѓу различните класи гуми се покажува и при тестирањето на аквапланинг. Референтната гума го задржува контактот со подлогата и при брзина од 80 km/h на влажен пат, додека кај гумите од евтиниот сегмент при истата брзина се појавува аквапланинт, при што настанува масивно подуправување и возилото повеќе не може да се контролира.

Евтините гуми заостануваат и во управливоста. Поради недоволна тракција, тие пролизгуваат при поаѓањето, додека автомобилот со референтните гуми веќе е далеку напред. Азиските гуми од непознати марки губат во сите критериуми: Контактот со подлогата е слаб, страничната стабилност е ниска, немаат тракција. При нагло запирање во свијок или нагло одземање гас, возилото губи стабилност и неискусен возач во таква ситуација може лесно да изгуби контрола над возилото.

Заклучок

Резулатите од тестирањето покажуваат дека евтините гуми за сите сезони можат да бидат опасни по животот во критични ситуации. На гуми не се штеди. Користењето евтини и неквалитетни гуми е ризик за сопствената и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

>>> Зошто е добро гумите да се заменат со зимски пред сите?

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

авто индустрија намалување СО2

Полициските часови ја смалија емисијата на СО2 во светот

Audi TT RS 40 Jahre quattro

Фановите ќе лудуваат: Audi TT RS за 40 години quattro