Корона-пандемијата го запре светот. Луѓето седеа дома, економијата крахираше. Според една студија, емисијата на СО2 се намалила за над една милијарда тони. Тоа е повеќе отколку за време на нафтената криза во 1979 година и финансиската криза во 2008 година. Научниците не се особено одушевени, затоа што се работи за краткотраен ефект.
Во првата половина од 2020 година, во атмосферата биле испуштени 1,6 милијарда тони или за 8,8 проценти помалку СО2 отколку во истиот период лани. Тоа е резултатот од студијата на Институтот за климатски истражувања во Улм. Во анализите се покажало дека намалувањето на емисијата се поклопувало со времетраењето на полициските часови во одделните држави. Во април, научниците измериле намалување на емисијата за 16,9 проценти.
Најголемите промени се забележани во сообраќајот. Поради масовното работење од дома, емисиите во патниот сообраќај во првото полугодие се намалиле за 40 проценти. Намалувањето во енергетиката изнесува 22 проценти, додека емисијата на индустријата се намалила за 17 проценти во првите шест месеци од годинава. Поради благата зима, дури и емисијата од домаќинствата се намалила за три проценти.
Авторите на студијата понатаму наведуваат дека повеќето национални економии продолжиле со претходното ниво на јаглероден диоксид по укинувањето на ограничувањата поради корона. Емисијата на СО2 останала на намаленото ниво единствено во сообраќајот. Дури и ако ниското ниво се задржи подолго време, тоа ќе има само незначителен ефект врз концентрацијата на СО2 во атмосферата во подолг временски период. Научниците ценат дека тоа нема да донесе намалување на просечната температура на подолг рок.
Во студијата се користени податоци од производството на струја во 31 држава, од дневниот автомобилски сообраќај во повеќе од 400 градови ширум светот, од авионските летови и од индустриското производство.