Audi прославува четири децении на quattro и по тој повод ја нуди топ-изведбата на моделот TT во специјално издание. Audi TT RS 40 Jahre quattro во најдобриот манир го оддава духот на погонот што претставува основа за мотото „напредок преку техниката“.
TT RS 40 Jahre quattro се потпира на услугите на 2,5 TFSI од Audi Sport. Деветкратниот победник во низа во изборот за „Светски мотор на годината“ во категорија до 2,5 литри, од своите пет цилиндри извлекува 400 КС и постигнува вртежен момент од 480 њутнметри. Погонот на сите тркала quattro, преку ламелна спојка ја распределува моќта меѓу двете оски. Со приспособувањето на распределбата на вртежниот момент и меѓу тркала на иста оска, дополнително се подобруваат управливоста и безбедноста.
При спортско возење, тркалото од внатрешната страна во свијокот што почнува да пролизгува се потсопира и на тој начин се зголемува вртежниот момент на спротивното тркало. Возачот може да влијае врз управувањето, седумстепениот S tronic, врз клапните во издувот и контролата на моторот преку системот за возна динамика Audi drive select.
https://photos.app.goo.gl/R3S3U2hfRccNQ8Zq7
Крајната брзина на TT RS 40 Jahre quattro од фабрика е поместена на 280 km/h. Спринтот од место до темпо сто трае 3,7 секунди. Главниот тон секако дека го одредува моторот, со препознатливиот редослед на палење 1-2-4-5-3.
Каросеријата е лакирана во алпски бела боја и со фолиите на хаубата, отстрана, на покривот и назад го повторува стилот на славните quattro модели во мотоспортот, конкретно на Audi Sport quattro S1. Валтер Рерл во 1987 година со овој автомобил победи на Пајкс Пик во САД.
https://photos.app.goo.gl/c6j6CSss7xccDTy59
Во хаубата се наоѓа отвор за воздух во карбонска рамка, што обезбедува дополнително ладење на моторот. Китот спојлери ги подобрува возните својства и управливоста во брзи свијоци. При крајната брзина, струењето на воздухот притиска со само девет килограми врз предната оска, односно задната оска „олеснува“ за пет килограми.
Големите букви quattro на вратите јасно укажуваат дека станува збор за специјалниот модел. Натписот „40 Jahre quattro“ се наоѓа и на делумно затемнетите задни прозорци. Зад тркалата од 20 лакирани бело, на предната оска се наоѓаат перфорирани сопирачки дискови со црвени клешти.
https://photos.app.goo.gl/SL1aibL4g8oaH3XF7
Во внатрешноста исто така има голем број посебни детали. Возачот може задната клупа да ја замени со карбонски рол-бар, со што тежината на возилото се намалува за 16 килограми, а воедно се зголемува и крутоста на каросеријата. Секако дека на тој начин и звукот полесно продира во кабината.
Продажбата во Германија ќе стартува уште во текот на октомври. Цената изнесува 114.040 евра.
https://photos.app.goo.gl/f3sbv5X1NAgzo5rR9
















