за

Mitsubsihi Eclipse Cross со свеж изглед и приклучен хибрид

Mitsubishi денес премиерно го прикажа освеженото моделско годиште на својот купе-СУВ модел. Eclipse Cross ќе биде достапен и со приклучен хибриден погон.

Mitsubishi Eclipse Cross PHEV

Како што беше најавено преку тизерите, Mitsubishi Eclipse Cross доби нови предни светла со впечатлив изглед, има промени и во опашот, а во типичен јапонски манир, има промени во сите подрачја каде што инженерите пронашле барем малку простор за подобрување. Приклучен хибриден погон во стилот на Outlander PHEV, исто така ќе биде достапен за купе-СУВ моделот.

Првите пазари што ќе го добијат новото моделско годиште на Eclipse Cross ќе бидат Австралија и Нов Зеланд, уште во текот на следниот месец. Изведбата со приклучен хибриден погон ќе следи в година. Јапонскиот пазар веќе стартуваше со нарачки, а испораките ќе следат во текот на годинава. Дебито во Северна Америка е планирано за првиот квартал од 2021 година, со таа разлика што PHEV (plug-in hybrid electric vehicle) верзијата нема да се нуди таму. За Европа засега нема најави.

Редизајнираниот Eclipse Cross уште повеќе го нагласува карактерот на купе возило во СУВ-сегментот. Предните светла се радикално стеснети, средишниот дел од маската има спортски груба решетка, додека во краевите е впечатлива групата со двата светлечки модули.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Задниот поклопец е целосно редизајниран и создава сосем нов изглед на опашот. Впечатливиот заден спојлер е отстранет, веројатно заради забелешки од возачи што биле убедени дека тој им пречи, иако во реалност беше сосем друг случај. Светлата исто така добија нов дизајн и развлечени се навнатре, што според дизајнерите на Mitsubishi создава впечаток на стабилност и визуелно ја шири каросеријата.

Уште еден впечатлив детал е целината во форма на шестаголник околу местото за регистерска таблица и околу логото на марката. Тоа е во духот на резервното тркало што беше поставено на задниот поклопец кај бројните теренски легенди на Mitsubishi.

Внатре се новина украсните елементи со сребрен финиш, кои прават контраст со темната основа и воедно сосдаваат впечаток на софистицираност. За дополнително да се нагласи елеганцијата, на располагање стои опција за светлосиви кожени седишта. Облогите во вратите исто така оддаваат солиден впечаток.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Инфо-забавен систем со дисплеј од 8 инчи е стандард, со подобрен приказ и поедноставно ракување. Дисплејот е приближен до возачот, заради полесен пристап. Сензорското поле долу во средишната конзола повеќе не се вградува, со што е добиено повеќе простор.

Дополнувањето на понудата со модел со приклучен хибриден погон е многу логичен потег, имајќи предвид дека Outlander PHEV со години е најпродаван модел со ваков вид погон во светски рамки. Овој погон во основа е преземен непроменет во Eclipse Cross PHEV, секако со мали зафати со цел погонот да се приспособи на димензиите и тежината на СУВ-купето. Погонската спрега ја сочинуваат по еден електромотор напред и назад, заедно со 2,4-литарски бензинец и планетарен преносник.

Системот автоматски избира еден од трите режими на возење: Чисто електричен погон, сериски хибрид или паралелен хибрид. Батеријата може воедно да се користи како извор на струја, при излети или во случај на потреба при природна катастрофа. Според Mitsubishi, батеријата располага со енергија за дом со просечна потрошувачка да се снабдува со струја десет денови.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во понуда останува 1,5-литарскиот бензинец, со турбонаполнење и директно впрскување. За пазарите во Австралија, Нов Зеланд и Јапонија, моделот ќе се нуди само со CVT-менувач со постојано променлив преносен однос, односно со 8 „виртуелни“ степени на пренос. Во штедливоста и останатите квалитети на овој погон се уверивме и во нашиот тест.

Секако дека клучна улога во концептот на возилото има и прочуениот S-AWC погон на сите тркала, во комбинација со мултилинк задна оска. За оваа пригода, инженерите уште еднаш ги дотераа пружините напред и назад, а ги зголемија и држачите на деловите од суспензијата на задната оска.

Mitsubishi Eclipse Cross освои бројни титули, меѓу кои и автомобил на годината во Јапонија во 2019 година.

>>> Тест: Mitsubishi Eclipse Cross 1.5 Intense 2WD

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi TT RS 40 Jahre quattro

Фановите ќе лудуваат: Audi TT RS за 40 години quattro

Ford Kuga III 2019 premiera

Ford влегува во СО2-сојуз со Renault