Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Хозе Мариа Лопез се светски шампиони. Со победата во осмата и последна трка од светското првенство на долги патеки WEC во Бахраин, триото првпат си ја обезбеди титулата. Второто место им припадна на колегите од Toyota Gazoo Racing. Пред да замине во заслужена пензија, Toyota TS050 Hybrid уште еднаш ја докажа својата надмоќ.
Конвеј, Кобајаши и Лопез во последната трка појдоа од првата позиција и со триумфот на осумчасовната трка во Бахраин си ја обезбедија првата голема титула. Ланските шампиони Себастиен Пуеми и Казуки Накаџима, заедно со Брендон Хартли, ја заокружија победата на Toyota Gazoo Racing. Тие имаа 64,594 секунди заостаток зад тимските колеги, меѓу другото и поради хендикепот, како водечки во првенството, што ги правеше побавни за 0,54 секунда по круг.
Откако предноста достигна и 75 секунди, безбедносниот автомобил ги поништи сите временски разлики меѓу тимовите и гарантираше возбудлива завршница. Тимот на тркачкиот прототип со стартен број 7 сепак ја задржа предноста и извозе до победа.
Двојната победа ја круниса ерата на класата LMP1 на тркачките патеки, во којашто Toyota учествува уште од 2012 година. Јапонскиот производител победи на 29 од вкупно 64 трки, постигна 26 пол-позиции и 24 пати имаше најбрз круг на трката. Во три од осумте сезони, тимот победи и во конкуренција на производители и на возачи.
Прототипот на Toyota си заминува со спектакуларни достигнувања во долгата кариера на автомобилските маратони
Иако потрошувачката на гориво за овој период се намали за 35 проценти, круговите се возеа сé побрзо. Времето на круг во Леман се скуси за десет секунди. Toyota TS050 Hybrid остави рекорд на најбрз круг на сите времиња на легендарната патека на Ла Сарт. Тркачкиот прототип со хибриден погон и 1.000 КС, што Toyota oд 2016 година го користеше на 34 трки и што беше пилотиран од 11 различни возачли, трипати победи на 24 часа Леман.
Подготовките за следната сезона се во тек. Таа ќе опфаќа веројатно шест трки. Во следните месеци се планираат тестови за издржливоста на новиот хиперавтомобил на тимот, пред на 19-ти март 2021 година, истиот да дебитира на 1.000 милји Себринг.
>>> Toyota првпат во јавност со новиот суперспортски модел

















