за

Германски изум: Од кој политичар би купиле користен автомобил?

Тоа е подобро од секоја официјална анкета: Германците не би купиле користен автомобил од ниту еден од кандидатите за канцелар-ка.

Германија ја бара новата Меркел. Тројца кандидати се натпреваруваат за гласови од германскиот народ. Колку доверба има народот во политичарите, мошне реално се покажува во фактот што само мал дел би се решиле да купат користен автомобил од нив.

Тие сакаат да ја водат Германија, но народот нема доверба во нив. Тоа го покажа „тестот на користен автомобил“ што го спроведоа специјалистите од Carfax. Германија за неколку денови почнува да гласа за нова канцеларка или канцелар. Во предизборна атмосфера е ред да се провери пулсот на народот, а тој вели: Народот во земјата не би купил користен автомобил од Олаф Шолц, Аналена Бербок или Армин Лашет. Специјалистот за проверка на сопственичката историја на автомобили Carfax направи репрезентативна анкета.

Искуството што германските возачки и возачи го имаат од сопствениот пазар на користени автомобили во земјата мошне верно е отсликано преку народската „од него или од неа не би купил или купила ни користен автомобил!“ Тоа веројатно е слично со нашето „од него или неа ни орев не би зел“.

Резултатите се разочарувачки за кандидатите. Повеќе од половината од испитаниците одговориле дека не би купиле автомобил од ниту еден од кандидатите. Наспроти тоа, само еден во десетмина би купил користен автомобил од кој било од потенцијалните канцелари.

Најголема доверба има Олаф Шолц, кандидат за канцелар од СПД, кој воедно води и во актуелните официјални анкети во земјата. Во Шолц веруваат сите старосни групи, додека Бербок и Лашет имаат помалку доверба меѓу помладите гласачи. Во старосната група од 55 и повеќе години, речиси 60 проценти од испитаниците би го прескокнале користениот автомобил што им го нудат кандидатите.

>>> Германски политичари: Само 16 од 233 министерски возила со чист издув по ЕУ-норма

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Награда за технологијата во „бубрезите“ на BMW iX

По цена на словенска вињета за една година, во Македонија деветпати до Гевгелија