за

Passat или Mondeo? Споредба на магазинот auto motor und sport

Може ли да се повтори историјата и Ford да го победи VW во средната класа, како со Sierra во 1982... (Фото: auto motor und sport)

Дуелот меѓу моделите од средната класа на Volkswagen и Ford е најактуелен во моментов. Германскиот магазин ги стави обата модела на тест, со надеж дека ќе се повтори резултатот од 1982 година, кога Sierra го победи Passat.

Интересот во средната класа во моментов се врти само околу два модела: Новите генерации на Passat и Mondeo. Прашањето е секогаш исто. Кој го има подобриот модел, Volkswagen или Ford? Реномираниот германски магазин го дава одговорот, во споредбата на комби изведбите на обата модела, со дволитарски дизели и мануелен менувач. Ford Mondeo настапува на тестот со 2.0 TDCi со 180 КС, во богатото ниво Titanium, со цена од 35.450 евра. Соперникот Volkswagen, на тестот мора да вози со дволитарски дизел со 150 КС, поради тоа што посилните верзии се нудат исклучиво во комбинација со менувач DSG. Неговото ниво на опрема е Comfortline, цената 33.575 евра.

Volkswagen Passat 2.0 TDI Highline на тестот на Automedia.mk
Volkswagen Passat 2.0 TDI Highline на тестот на Automedia.mk

Со вградената дополнителна опрема кај возилата на тестот, обата модела чинат далеку над 40.000 евра и меѓу другото поседуваат приспособливо подвозје, радарски темпомат, самостојно паркирање и автоматско запирање при опасност на патот. Во тој поглед, магазинот цени дека Volkswagen е во предност, поради полесниот пристап и ракување со многубројните системи за асистенција во Passat. Според auto motor und sport, комбито на Ford има потсреден кокпит во споредба со претходникот, но „не е пример за ергономија и прегледност“. Негативна критика и за дисплејот во средишната конзола, којшто „реагира бавно и има непрегледна графика“.

Покомплицирано ракување со напредните функции во Mondeo

Во оваа споредба, Passat „доби неколку копчиња во новата генерација, но и покрај тоа се ракува полесно и пологично од Mondeo.“ Како пример, германскиот магазин го наведува дотерувањето на приспособливата амертизација, којашто е дел од дополнителната опрема: „Кај Volkswagen е доволно да се притисне едно копче во средишната конзола. Возачот во Ford мора преку прекинувачот во левиот крак на воланот да влезе во цела низа подменија, додека дојде до точката во менито ‘Подвозје’. Тоа одзема време и нервира.“

Ford Mondeo 2.0 TDCi Titanium на тестот на Automedia.mk
Ford Mondeo 2.0 TDCi Titanium на тестот на Automedia.mk

Затоа, пак, Ford надоместува во комфорот на амортизацијата. Магазинот пишува: „Ford вози по лоши патишта многу помеко, амортизира понежно од Volkswagen и нема проблеми ниту на неколку куси набори едноподруго.“ Passat во такви ситуации е покрут, но не и непријатен за возење. Единствен недостаток на Mondeo Turnier е малото потскокнување на задната оска на долги бранови на автопат.

Предноста на Ford е во покомфорното подвозје

Подобрите седишта во Passat надоместуваат за покрутото подвозје, иако за неговите „ергокомфорни“ седишта се доплаќа 1.180 евра. Повеќе простор во кабината нуди Passat, иако е десет сантиметри покус и два сантиметри потесен од Mondeo. Истото важи и за багажникот. „Што се случи? Претходникот беше поголем однатре и помал однадвор.“ Со тежина на тестот од 1.765 килограми, Mondeo е точно 214 килограми потежок од Passat и 80 килограми потежок од 2.2 TDCi, тестиран пред две години. Како последица од тоа, „Mondeo реагира потромаво на командите со воланот и не е толку агилен колку Passat.“ Тоа е штета, моделите на Ford во последните години постојано беа меѓу најуправливите и најбрзите во нивната конкуренција, дополнува auto motor und sport.

Иако има 30 КС повеќе, Ford Mondeo Turnier не е побрз од Volkswagen – причина за тоа е повисоката тежина. Затоа има разлика и во потрошувачката, којашто изнесува половина литар во корист на Passat. Дизелот на Volkswagen работи посмирено и со менувачот се ракува побрзо и поедноставно. Тука магазинот посочува на заклучокот што следува: Новиот Ford Mondeo не е лош автомобил и рамноправен е со другите докажани конкуренти во класата, но заостанува во споредба со Passat.

Победува Passat со 465 бодови и со заклучокот: Серискиот победник ја има најизбалансираната понуда во сегментот. Моторот, каросеријата и подвозјето даваат хармоничен автомобил во секоја ситуација. Mondeo заостанува со 25 бодови, првенствено поради повисоката тежина и помалата просторна понуда во кабината.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla го најавува следниот чекор кон автономното возење

Нова норма ќе донесе пореални вредности на потрошувачката