за

Нова норма ќе донесе пореални вредности на потрошувачката

Вредностите на потрошувачката на гориво ќе станат пореални со новата норма WLTP. Кај некои модели може дури да се намали вредноста. „Смалувањето“ на моторите повеќе нема да се исплатува.

Автомобилскиот свет полека ќе се навикнува на нова кратенка. Од септември 2017, новата постапка на тестирање WLTP за одредување на нормираната потрошувачка на гориво постепено ќе ја заменува досегашната NEDC (New European Driving Cyclus), којашто датира од раните 1990-ти години. WLTP е кратенка од „Worldwide harmonized Light vehicles Test Procedures“, односно „глобално усогласени процедури за тестирање на патнички возила“. Европските држави, Австралија, Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Јужна Африка и Турција во март 2014 година се спогодија да го користат новиот циклус на возење. Целта е да се постигне подобра споредливост на потрошувачката на гориво и емисијата на штетни материи на меѓународниот автомобилски пазар.

Циклусот на возење според новата норма WLTP
Циклусот на возење според новата норма WLTP

Новиот стандард е многу поблизок до практиката отколку NEDC. Актуелниот циклус постојано добива критики поради тоа што автомобилите забрзуваат најмногу до 120 km/h. Нормираниот циклус во последните години почна да произведува вредности што отстапуваат значително од потрошувачката во секојдневието. Новиот тест WLTP исто така ќе се спроведува под лабораториски услови како актуелниот NEDC, заради споредување на резултатите од тестирањата. Тестирањето ќе стартува при температура на воздухот од 23 степени Целзиусови, ќе трае подолго и ќе се вози побрзо.

Просечната брзина се зголемува од 33,4 на реални 47 km/h

Во иднина ќе се мери во четири фази: До 60, до 80, до 100 и над 130 km/h. На тој начин ќе се симулира возење во град, на спореден пат и по автопат. Соодветно на тоа ќе се зголеми и просечната брзина, од сегашните 33,4 на 47 km/h. Тестирањето според WLTP е долго 23 километри, место единаесет, а времето на возење е продолжено за десет минути, на 30 минути. Покрај тоа, тестираните возила повеќе нема да имаат оптимирана тежина, туку ќе се користат стандардни возила, опремени, на пример, со клима уред. Место 40 проценти, резервоарот ќе биде наполнет до половина.

Циклусот на возење според актуелната норма NEDC
Циклусот на возење според актуелната норма NEDC

Веќе се добиени и конкретни вредности со новата процедура. Има и изненадувања. Во директна споредба на добиените вредности според двата циклуса WLTP и NEDC, кај автомобил со бензински мотор и петстепен мануелен менувач има само мала разлика во поглед на потрошувачката и емисијата, додека друг автомобил со дизел мотор и шестстепен автоматски менувач, според новиот циклус во просек троши дури половина литар помалку гориво. Затоа, пак, повеќето автомобили имаат полоша емисија на СО2 според WLTP, особено во поглед на јаглеродниот моноксид. Емисијата кај тестираниот бензински мотор и петстепен мануелен менувач била повисока за 87 проценти, додека кај вториот тестиран автомоби со дизел мотор таа изнесувала 20 проценти повеќе во споредба со мерењето според NEDC. Повисоки вредности се регистрираат и во поглед на азотните оксиди: Таа била двапати повисока кај бензинецот, и дури трипати повисока кај дизелот.

Нов параметар во WLTP се точките на промена на степените на пренос. Тие мора да се пресметуваат посебно за секое возило, врз основа на голем број параметри, вклучувајќи го дијаграмот на моќност во целото работно подрачје, како и тежината на возилото, вклучувајќи ги дополнителната опрема и возачот.

Новиот циклус не им оди во прилог на „смалените“ мотори

Автомобилите со поголеми мотори во иднина ќе бидат во предност. На моторите со поголема работна зафатнина им е потребно подолго време додека ја постигнат оптималната работна температура. Со продолжувањето на времето на возење во WLTP, овие возила ќе бидат во добивка, односно ќе се намали разликата во потрошувачката меѓу нив и возилата со „даунсајзинг-мотори“. Големите мотори профитираат и од поголемот удел на етапи во коишто се вози под полно оптоварување на моторот. Малечките мотори со турбонатполнење не „сакаат“ високи вртежи, затоа што рапидно се зголемува температурата во коморите за согорување и се заканува опасност од неконтролирано самостојно палење на впрсканото гориво, при што може да дојде до фатални оштетувања на моторот. За тоа да се спречи, во модерните „даунсајзинг“ мотори се применува впрскување мала количина гориво, којашто служи само за ладење. Ова е главната причина зошто актуелните мотори со смалена работна зафатнина и компензација со турбонатполнење во иднина ќе имаат поголеми вредности на потрошувачката на гориво отколку досега. Поголемите мотори, особено атмосферските, помалку се соочуваат со овој проблем. Уште не е решено како новата норма ќе ја регулира потрошувачката на електричните автомобили и на хибридите со надворешно полнење на батериите.

NEDC останува на важност до 2020 година

Збогувањето со циклусот NEDC нема да се случи преку ноќ, туку ќе продолжи да се користи  одредено време заради споредување на вредностите. Производителите ќе продолжат со NEDC со 2020 година, заради одредување на емисијата на СО2. Од 2020 година, за производителите ќе важи граничната вредност од 95 грами СО2 на километар. Над таа вредност следуваат пенали кон Европската Комисија.

Следен новитет е тоа што возилата во WLTP се поделени во три класи на тежина, односно моќност: до 22 вати по килограм, до 34 вати по килограм и над 35 вати по килограм. На тој начин, новата норма ги зема во предвид и пазарите во коишто доминираат помалечки возила. Повеќето автомобили во Европа спаѓаат во третата класа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Passat или Mondeo? Споредба на магазинот auto motor und sport

Направи сам: Го-карт од дрво за 575 долари