Строгите норми за издувни гасови доведоа до големо поскапување на паладиумот. Автомобилската индустрија го користи овој благороден метал во производството на катализатори.
Цената на благородниот метал паладиум во понеделнкот достигна историски рекорд. Цената за фина унца (31,1 грами) првпат надмина 1.800 американски долари. Новиот рекорд се 1.805 долари. Тоа се два проценти повеќе отколку во петокот.
Рекордните поскапувања на паладиумот не се нов феномен, туку истите се забележуваат неколку месеци наназад. Само од почетокот на годинава, цената за благородниот метал, којшто меѓу другото се користи и во автомобилската индустрија, во производството на катализатори, порасна за повеќе од 40 проценти.
Како причина за тоа се наведува зголемената побарувачка, поради воведувањето на построги норми за издувни гасови во Европа и во Кина. Дополнително се јавуваат и тесни грла во понудата на скапоцениот метал. Експертите за суровини ценат дека пазарот на паладиум со години наназад се снабдува недоволно, што доведува до енормното поскапување.