Opel Mokka-e отсега е Opel Mokka Electric, но главната промена е во посилниот електромотор со 115 kW/156 КС и во новата батерија којашто овозможува многу покомотен досег.
Тоа можеше да се насети уште при најавата за Opel Astra Electric. Место само да им се додава „е“ во името, електричните варијанти на Corsa и Mokka отсега добиваат јасно и гласно „Electric“ како дополнување на моделското име.
Opel Mokka-e во Германија постигна најдобра продажба од сите СУВ-модели со електричен погон од градската класа, во октомври и во ноември. Носителката на насловот „Златен волан 2021“, отсега се нуди и во втора изведба, со поголема батерија и со посилен електромотор. Со новата батерија со 54 kWh, досегот се продолжува од 338 километри на 406 километри. Тоа е разлика од 20 проценти.
Новиот и посилен електромотор воедно се одликува и со повисока економичност, па неговата просечна потрошувачка изнесува 15,2 kWh на 100 km според нормата WLTP. Моќноста на втората варијанта на Mokka Electric изнесува 156 КС, наспроти стандардната изведба со 100 kW, односно 136 КС.
„Од ‚e‘ станува‚Electric‘. Со новата додавка во името нагласуваме дека Opel Mokka нуди поголемо електрично уживање во возењето од кога било досега. Тоа е електромобил што бара рамен на себе во својата класа. Од стартот, нашиот исклучителен компактен СУВ одушевува со храбар и јасен дизајн, со индивидуален карактер и со докажана практичност во секојдневието. Со новиот електрилен погон и со поголема батерија, Mokka Electric сега станува уште ппосилна, поефикасна и подобра. Во Opel мислиме на тоа кога зборуваме за промислена ‚Greenovation‘“, вели извршниот директор на Opel, Флориан Хуетл.
Во ноември дури 65 проценти од купувачите на Opel Mokka во Германија се решиле за електричната варијанта. Причина плус за овој висок удел е најавеното намалување на висината на субвенцијата за електрични автомобили во земјата.
Перформансите на изведбата што се движи чисто на струја соодвествуваат на динамичниот изглед на Mokka. Спринтот до темпо сто трае 10 секунди. Вообичаено за овие модели, крајната брзина е ограничена на 150 km/h.
Со можност за користење брзи полначи со еднонасочен напон со моќност до 100 kW, полнењето на батеријата до 80% во најдобар случај трае само 30 минути.
До 2024 година, Opel ќе нуди електрична изведба од секој модел во својата гама. До 2028 година, целата гама во Европа ќе се префрли на електрични автомобили.