За двоцифреното зголемување на продажбата на нови автомобили во Европа во ноември имаат најголема заслуга пазарите во Германија и Велика Британија, каде што во минатиот месец имаше најголем раст. Статистиката покажува и зголемена побарувачка за моделите на Volkswagen и Toyota.
Пазарот на нови автомобили во ЕУ, во земјите од ЕФТА (Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн) и во Велика Британија, во ноември достигнал 1,01 милион патнички автомобили или за 17% повеќе во споредба со истиот месец лани.
Во Германија, пазарот пораснал за дури 31 процент, додека растот во Велика Британија тој изнесува 24 проценти. Италија е третата земја со најголем раст, со 15 проценти. Групацијата Volkswagen и Toyota се главни добитници, додека мал пад има во продажбата на групацијата Hyundai.
Марките од концернот Volkswagen, водечки производител на автомобили во Европа, ја зголемиле продажбата за 37 проценти. Кај Audi, пазарот напредувал за дури 60%, а кај матичната марка Volkswagen истиот изнесува 44 проценти. По модели, најголем раст во побарувачката има кај Golf и Tiguan.
Вториот најголем производител, концернот Stellantis, има пад од 3,7 проценти. Моќната групација што се создаде со спојувањето на Peugeot Societe Anonyme и Fiat Chrysler, во минатиот месец се соочуваше со проблеми во логистиката, меѓу другото со потешкотии за компаниите од логистиката да обезбеди доволно камиони и возачи, за автомобилите да ги дистрибуираат до застапниците на марките. Кај Citroen има намалување од 13 проценти, Opel е 5,9 проценти во минус во споредба со ноември лани, додека кај Peugeot има намалување од 5,7 проценти.
Групацијата Hyundai се соочи со продажба намалена за 3 проценти, главно поради слабиот резултат на марката Hyundai, којашто продаде 7 проценти помалку возила во споредба со лани. Кај марката Kia, падот е 2 проценти.
Renault Group е чевртиот најголем производител во Европа во ноември. Продажбата им пораснала за 4,3 проценти, но веќе не е изненадување тоа што Dacia напредувала 16 проценти. Кај Renault, пазарот пораснал за 3,8 проценти.
Групацијата Toyota, кадешто спаѓа и Lexus, постигнала зголемување од 35 проценти во продажбата. Истиот тој процент важи за марката Toyota, додека растот кај луксузната марка Lexus изнесува 43 проценти. Од моделите, побарувачката е зголемена посебно кај СУВ-моделот од градската класа Yaris Cross.
Ноември е четврти месец годинава што донесува зголемување во продажбата на автомобили, главно поради попуштањето на тесното грло во снабдувањето со делови. Во споредба со лани, вкупната продажба со ноември е 5,8 проценти послаба, со вкупно 10,19 милиони возила.
Се подобрува испораката на нови автомобили, како резултат на надминувањето на кусокот од полупроводници и останати компоненти. Се очекува дека влошувањето на економската ситуација ќе остави печат врз побарувачката во следните месеци.
Книгите со нарачки за нови автомобили и натаму се полни и тоа треба да носи заработка во првите месеци од 2023 година. Меѓутоа, индустријата уште нема закрепнато и се нема вратено на нивото од пред пандемијата. Според аналитичарите на Блумберг, браншата и трета година по ред ќе се соочува со намалување во продажбата.
Пазарните експерти во LMC Automotive очекуваат дека високата стапка на инфлација, ослабнатиот потрошувачки дух и ограничените домашни буџети ќе влијаат врз побарувачката во следните месеци. „Претпоставуваме дека 2023 година без потешкотии ќе ја надмине 2022, но сме повеќе претпазливи“, велат аналитичарите, проценувајќи дека пазарот во Западна Европа в година ќе остане под 11 милиони.
Некои производители веќе ѕвонат за аларм, поради влијанието од инфлациската спирала. Volkswagen неделава посочи дека продажбата на електрични возила во Европа „излегла од шините“. Како причина за тоа се наведува огромниот скок во цената на струјата, што влијае врз побарувачката.
Хибридни и електрични автомобили прават 43% од европскиот пазар