Штутгарт ги претстави плановите според коишто ќе вложи повеќе од 1 милијарда евра, за својата мрежа од фабрики ширум светот да ја приспособи за производство на компоненти за возила со електричен погон. Се вложува во монтажа на батерии, погонски електромотори и оски. Реализацијата на планот ќе почне во 2024 година.
Фабриките во Каменц и во Унтертиркхајм во Германија, како и фабриката во Пекинг, во коишто веќе се произведуваат батерии за електрични и хибридни модели, ќе ги произведуваат и батериите за моделите што ќе се базираат врз новите платформи MMA и MB.EA. За фабриката за монтажа на батерии во Келеда се чекаат субвенции од властите на германската сојузна покраина Тиринген.
Унтертиркхајм, Пекинг и Себеш/Романија ќе произведуваат електрични погонски единици за автомобилите конструирани врз новите платформи, додека Хамбург и Унтертиркхајм ќе ја задржат улогата на водечки фабрики за монтажа на електрични погонски оски и компоненти.
„Не постои фабрика што не е вклучена“, изјави директорот за производство Јерг Бурцер.
Во јуни беше постигнат договор со менаџментот и со претставници на работичниот синдикат, за фабриките за автомобили во Европа да почнат да се ориентираат кон електрични возила. Фабриката во Зинделфинген ќе биде дом за автомобили од највисока класа, коишто ќе ја користат платформата AMG.EA. Во Бремен и Кечкемет во Унгарија, ќе се произведуваат луксузни модели од главниот сегмент на Mercedes-Benz. Раштат и Кечкемет ќе бидат бази за производство на модели од основните сегменти.
Германската луксузна марка ги проектираше своите фабрики за на една лента да се произведуваат и автомобили со мотори со внатрешно согорување и автомобили со електричен погон. Монтажата на батерии и електромотори на иста линија е поголем предизвик, објаснува Бурцер.
Голем дел од фабриките што произведуваат делови, сепак ќе продолжат со изработка на делови за автомобили со мотори со внатрешно согорување, додека постои побарувачка за нив. Mercedes-Benz има цел да премине на продажба само на чисто електрични автомобили, „каде што тоа го дозволуваат пазарните услови.“
Mercedes-Benz GLC во салон: Луксузот го владеат како математичка операција