Опел во последниве години го градеше своето присуство на сцената главно со два модели: Со Корса, како модел што нуди сигурна инвестиција, и со Мока, како стилски купе-модел во густо запоседнатиот сегмент на Б-СУВ модели. Тие два модели ја качуваа марката Опел највисоко во продажните статистики. Со Грандленд, работите стануваат многу посериозни.
Марката со големо име добива голема шанса со новиот Грандленд да ги усреќи почитувачите и познавачите на марката, затоа што во овој СУВ од компактната класа, луѓе треба да препознаат продолжение на една од најсилните моделски низи на Риселсхајм, а тоа секако се три генерации на Вектра, три генeрации на Аскона, две генерации на Инсигнија. Повеќе нема лимузини во Опел, сé e СУВ.
Разликите со првиот Грандленд се јасни и при споредба на димензиите. Новакот е меѓу најдолгите модели во сегментот со своите 4,65 метри, што е 17,3 сантиметри повеќе од првата генерација. Во ширина се додадени три сантиметри, а има голема разлика од шест сантиметри и во висината (сега 1,665 метар). Дванаесетте сантиметри разлика во меѓускиното растојание се два различни света (близу 2,9 метри).
Внатре има повеќе место за сите и за сé. Багажникот со своите 550 литри нуди 36 литри екстра. Новата платформа не донесе премногу екстра килограми. Шеесет и четирите килограми тежина плус одат главно во корист на безбедноста, вклучувајќи ги секако системите за асистенција, што благодарејќи на законите на ЕУ станаа стандард.
Автомобил од земјата што има два различни поими за чисто, едниот за чисто однадвор, другиот за чисто однатре
Во изгледот, сé е по шема. Тука прво се гледа германското. Како и сите модели на Опел, Грандленд има „визор“ напред, во стил на визор на мото-кацига, и има јасно нагласен раб што се протега долж каросеријата, почнувајќи од хаубата и завршувајќи со третото стоп-светло. Мора да биде чисто и прецизно, германски. Таму велат, „нихт нур заубер, зондерн рајн“. Токму така, Германците имаат два различни поими за чисто. Затоа, почитувачите на „дојчот“ го сакаат овој изглед.
Тоа е само воведот во поглавјето за изгледот. Знакот на Опел, еден од најпрепознатливите обележја на марка на планетата, опел-блиц, молњата, кај Грандленд свети. Има и тенка светлечка линија што ги поврзува светлата со блицот. Има уште: Назад светат буквите на името, нормално црвено. ЕУ ги смени законите што ограничуваа што смее, а што не смее да свети на автомобилите, и Опел е меѓу првите што реагираат. Згоден детал претставува и тоа што името Грандленд е втиснато во вратата на багажникот.
Во времето кога 4 цилиндри беа стандард, каросериите кородираа, а изработката беше површна, сега во време на 3 цилиндри, корозија одвај се спомнува, а завршната изработка е „мајстерхафт“
Овој автомобил смее да биде горд на својата марка и на своето моделско семејство. Тоа се темели на завршната изработка. Во времето кога четири цилиндри беа стандард во браншата, каросериите кородираа, а завршната изработка неретко беше површна. Сега се сменија вредностите. Автомобилите имаат три цилиндри, каросеријата најмногу може да кородира во една точка, а завршната изработка е „мајстерхафт“, мајсторија.
Уште во вратите се гледа колку на менаџерите им било важно да постигнат една од најпримерните завршни изработки во не-премиум сегментот. Некој можеби ќе се збуни од тоа што во кокпитот ќе забележи седум различни материјали по висината на арматурната табла и ќе се обидува да најде стил, но важно е ништо да не се тресе и сé да е прегледно за ракување.
Опел најде нова функционален простор во средишната конзола, со Пиксел Бокс; Тоа сепак е ексклузива за нивото ГС
Голема гордост во Риселсхајм им е пиксел-боксот во средишната конзола, пред бирачот на степени за возење. Тоа е во основа простор што е покриен со лизгачки панел со платно озгора, со проѕирен и полуосветлен панел што гледа кон возачот, за да се гледа телефонот што се полни тука, меѓутоа мал минус-детал е тоа што материјалот не изгледа премногу отмено, иако е несомнено дека и тој е квалитетен.
Како и многупати досега, во багажникот се покажува вистината, дали чесно се пристапило во изработката. Подлогата на багажникот е дебела и цврста, педантно обложена со филц, исто како и целиот простор тука. Многу менува тоа што некој конечно се сети да го закоси браникот, за пантолоните да не се валкаат кога ќе се посегне подлабоко во багажникот. Тука се потврдува средната класа, кон којашто сака да се движи оваа кола.
Ауто Билд на супертестот од 100.000 километри го оддува облакот околу 3-цилиндарецот во Опел и во целиот концерн Стелантис
Моторот со три цилиндри е чувствителна тема, но не и чувствителна механика. Трите цилиндри што веќе се стандард и во оваа класа и во СУВ-сегментот, резултат се од развојот на технологијата, и уште поважно за купувачите, од трката меѓу производителите, да понудат колку е можно понапреден мотор за парите. Ова не се само „три клипа“, туку е тубонатполнење што прави моторот да постигнува моќност како 1,8 литарец од пред 20 години, но пак да троши колку 1,2-литарец, и секако, да испушта штетни материи како 1,2-литарец.

Ауто Билд, ценетиот германски магазин, неодамна го објави резултатот од супертестот на 100.000 километри на Опел Мока со истиот мотор како во овој Грандленд, и со тоа ги отфрли „обвинувањата“ по разни форуми, оти моторот не издржувал.
Истиот магазин претходно посочи и на искуствата од германските сервисери (исто и со моторот 1,0 на Форд), коишто потврдија дека навистина постојат случаи кога се појавиле проблеми со запчестиот ремен потопен во масло, меѓутоа проблемите не настануваат поради самиот ремен, туку поради непочитувањето на интервалот за замена и за проверка на затегнатоста на ременот, а уште повеќе поради користењето евтино и недоволно квалитетно моторно масло, за разлика од тоа што производителот го пропишува. А, тоа значи, ако се јават проблеми, тоа обично е по истекот на гаранцијата, кога некои сопственици престануваат да се грижат околу маслото и редовното сервисирање, и во сите следни сценарија, со продажба на друг сопственик итн.
Штом забрзува течно од 80 до 120 на Ветерско, овој мотор има моќ
Исто како во Пежо 3008, со којшто Грандленд ја дели платформата, 1,2-литарскиот Пјуртек, сега со ланец место со ремен, се покажува многу поспособен во поглед на моќноста и динамиката во возењето. Турбонатполнењето помага 230 њутнметри да се испорачаат уште под 2.000 вртежи и тоа е вистинското мерило за силата на овој „со три клипа“. Искачување на Ветерско, со намерно забавување на 80 и забрзување до дозволени 130 километри на час, одвај дека укажува на трите цилиндри и на 1,2-та литри.
Во поглед на литрите, Опел Грандленд е првиот модел што возеше по новата стандардна рута за тестирање на Аутомедиа. Тоа е делница од преку 200 километри, што од Скопје води преку Арачиново до Куманово, потоа до Страцин, надолу до Кратово, следно Пробиштип, па Штип, Велес, Скопје. Потрошувачката го „оправдува“ моторот. По делници: Скопје – Страцин (5,5 литри/100 км), Страцин – Пробиштип (7,5 литри), Пробиштип – Велес (4,8 литри), Велес – Скопје (6,4 литри). Во град, под седум литри.
Каде се ајкулите во Опел Грандленд?
View this post on Instagram
Моќта за штедење доаѓа од електромоторот, ова е благ хибрид, со моќност од 21 КС и вртежен момент од 51 њутнметар. За ориентација, тоа е приближно моќноста што е потребна за автомобил со оваа тежина и со овој габарит да се движи со постојано темпо од околу 100 километри на час. Таа моќност сепак е сосем корисна за поаѓање од семафор, забрзување, одржување на брзината. Симпатичноста расте и со фактот што моторот стартува нечујно и без вибрации.
Важно подрачје за Опел Грандленд се возните својства. Тука исто така се покажува германското. Верувањето дека Грандленд вози исто како Пежо 3008 е исто како да се тврди дека сите модели на Шкода, Сеати Купра во концернот, возат исто како Фолксваген. Прецизноста уверува, високото гранично подрачје, и во целина, однесувањето на овој речиси петметарски СУВ, што создава задоволство при возење.
Тоа што Опел може да го подобри повеќе се однесува на ракувањето и на неколку детаљи во кокпитот. Брзината со којашто дисплејот пред возачот преоѓа од еден во друг приказ трае за нијанса предолго, исто и приказот на работата на хибридниот погон може да биде покрупен.
Техничките податоци за Опел Грандленд Хибрид Едишн во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Нивото на опременост ГС, како во тест-автомобилот, секако е одлично за демо-возило и за оставање убедлив впечаток при прва средба. Покрај разликата од 3.360 евра, човек сепак ќе погледне прво што нуди „основното“ ниво Едишн. Со 32.990 евра промотивна цена за 1.2 Хибрид Едишн (наспроти редовните 36.910 евра, разлика 3.920 евра), токму германскиот Грандленд е еден од моделите со најдобра противвредност на пазарот. А, тоа значи, не игра улога само цената, туку и тоа што се добива.
Кој цени дека животот со Опел Грандленд е доволно добар и без камера за рикверц, матрични диодни светла, навигација, електрично местење на седиштата, па и без осветлено лого и име, што ГС ги поседува стандардно, ќе биде среќен со Едишн, што патем и не е основно ниво на опременост.
Малку ставки за избор од дополнителна опрема, многу пакети со дузина ставки? Пакетите навистина се чинат преобемни и не секој гледа потреба од сите ставки во пакетите, но цената е поволна
Добра страна е нивото на цени на дополнителната опрема, односно на пакетите. Со групирање на повеќе ставки во еден пакет, се добива навистина добра зделка со Опел. Пакетите денес чинат далеку помалку. Пример, пакет Тек со цена од 1.240 евра содржи: Навигација, средишен дисплеј од 16 инчи, пречистување на воздухот во кабината, предупредување за возило во мртов агол. Околу една опција човек не треба да се мисли: Бронзената боја на тест-возилото, како кај историските Опели, е заштитна боја на Грандленд и доаѓа бесплатно.
View this post on Instagram
Опел Грандленд вози како средна класа
Прашањето околу Опел Грандленд не беше, дали тој ќе биде добар СУВ од компакт класата, туку колку ќе зачекори кон средната класа, како модел што ќе ги убеди купувачите кои порано ќе посегнеа по Инсигнија. Добрата вест. Грандленд покажува зрелост на модел над просекот во класата и повеќе се приближува до Шкода Кодиак и Тојота РАВ4, отколку до Нисан Кашкај или Форд Куга. Грандленд не е само Гранд според димензиите, туку и според тоа како човек го гледа овој Опел. Грандленд менува многу во начинот на којшто сцената отсега ќе ја гледа марката Опел. А, тоа е, Опел во старото светло.















