
Германската марка потпиша писмо на разбирање со алжирскиот холдинг АГМ, за време на одржувањето на форумот на германските и алжирските бизнисмени во Берлин, на 17-ти јули. Со тоа се потврдија намерите на Опел да започне локално производство на возила и на мотори.
Веста доаѓа во време кога европските производители на автомобили и натаму се соочуваат со недоволна искористеност на своите фабрики и со ослабната побарувачка за возила во Европа.
Стелантис има фабрика во Тафрауи, Алжир, во којашто произведува модели на Фиат. Фабриката е отворена во 2023 година. Стелантис во април соопшти дека планира годишното производство да го зголеми на 135.000 возила до 2028 година, наспроти 53.000 возила во минатата година.
Алжирските медиуми објавија дека Стелантис размислува да гради посебна фабрика на Опел или да ја прошири фабриката во Тафрауи, но уште не е донесена конечна одлука.
Концернот има фабрика и во Кенитра, Мароко. Лани беше најавено дека и на таа фабрика ѝ престои удвојување на капацитетот.
Место да го користи Алжир како база за поевтин извоз, Опел планира со локално произведените воизла да ги снабдува пазарите во регионот. Опел ќе биде прв производител на автомобили што ќе изработува мотори во Алжир.
Одлуката носи и политичка заднина. Односите на Алжир со Франција се влошени, и тоа им отежнува на француските марки, како Пежо или Ситроен, да се шират на тамошниот пазар. Како германска марка, Опел е неутрален избор за концернот да ги оствари намерите за освојување на пазарите во Северна Африка.
Засега не се познати финансиските рамки за проектот. Опел најави дека по потпишувањето на писмото на намери ќе следат натамошни преговори, пред конечното потпишување на договорот. Компанијата не соопшти кога планира да започне изградбата и работата на фабриката, исто како и податоци за годишната продукција.
Претставник на Опел соопшти дека е планирано во фабриката да се одвива полно производство, место да се врши монтажа на полуготови (СКД) или готови модули (ЦКД). Во фабриката ќе се изработува каросеријата, возилата ќе се лакираат и ќе се одвива завршна монтажа, вклучувајќи вградување на локално произведените мотори.
Извршниот директор Флориан Хутл кажа дека со оваа инвестиција се поддршува ширењето на Опел на светските пазари.
„Договорот е основа за долготрајна соработка со нашите алжирски партнери,“ порача Хутл во соопштението. „Проектот ќе придонесе за развој на автомобилската индустрија во Алжир, во исто време создавајќи капацитет за локално производство на Опел“, заклучува шефот.
Опел Фронтера Хибрид · Краток тест · Чекор назад за два чекори напред















