за

Opel Corsa најпродаван автомобил во Грција во септември

Составот на автомобилите што се на врвот на продажбата кај јужните соседи личи многу на обновувањето на македонскиот возен парк пред да почне фуријата со донесувањето стари автомобили од Унијата. Opel Corsa е септемврискиот шампион.

Германската марка со молња во маската продала на грчкиот пазар вкупно 2.825 примероци од Opel Corsa во првите девет месеци од годинава, што прави моделот да биде четврти најпродаван модел во земјата годинава. Првото место на Corsa во продажбата во септември дава добри шанси за таа да продолжи да се искачува во пазарната трка до крајот на годината.

Во минатиот месец во Грција биле продадени 6.612 автомобили, што е за седум проценти помалку во споредба со истиот месец лани. Бројките за првите девет месеци сепак се ветувачки, со вкупно 81.758 продадени автомобили или за 36,2% повеќе од лани. Тоа е веќе класика, Toyota да држи прво место во продажбата, со пазарен удел од 13,1% во периодот од јануари до септември. Peugeot е сигурен на второто место со 10,7 проценти од грчкиот автомобилски пазар. Трет е Hyundai, пред Volkswagen на кого што му припаѓаат 7,5 проценти од пазарот.

Во Топ 10 најмногу се издвојува напредувањето на Kia на 8-мо место во септември, којашто ја зголемила продажбата за 79,4% во споредба со истиот месец лани. Позитивниот тренд важи и за Opel (+2,9% на петтото место), Citroen (+13,1%, на 7-то место), BMW (+13,2%, на 9-то место) и Audi со +50,9%, како десетта најпродавана марка во септември. Единстено има мал пад кај Suzuki (-6,1%), кој и натаму е високо на 8-то место, со близу 400 продадени возила во минатиот месец.

Opel Corsa вторпат во последните четири месеци е најпродаван автомобил на грчкиот пазар

Меѓу моделите, Opel Corsa (тест) e прва со 358 продадени примероци, за 49,8 проценти подобро од септември лани. Hyundai следи на второто место, што е голем скок од 12-то место во август, но е мала веројатноста дека моделот ќе се задржи таму, затоа што со вкупно 1.868 продадени примероци од јануари до септември е далеку дури и од Топ 10.

Повеќе е сигурно дека Peugeot 208 (репортажа) и Citroen C3 ќе бидат во игра за најпродаван модел во Грција годинава. Но, за тоа да успее прво треба да се престигне шампионот Toyota Yaris (репортажа), со 4.356 продадени примероци за првите девет месеци. Јапонскиот модел со шарм на Corolla & Co води пред ѕвездата Peugeot 208, од којашто до септември се продадени 2.918 примероци во Грција.

По августовскиот трилинг на Toyota, кога првите три места ги освоија Yaris, C-HR и Aygo, најдобро пласиран модел на Јапонците на пазарот на којшто тие традиционално се моќни е Corolla, со 211 примероци во септември, на 6-то место.

Солидно е 7-то место на Kia Stonic (тест), којашто по моделското освежување постигнува шампионски скокови на сите пазари. Како пазарот да чекаше да се појави конкуренцијата со свои модели, па да му даде предност на Stonic. Во тој сегмент сепак предводи Peugeot 2008 и тоа најмалку е изненадување.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Електричен Volkswagen искачи 15 планини со едно полнење

Рели-шампионот Ожие ќе стартува за Toyota на 24 часа Леман