за

Рели-шампионот Ожие ќе стартува за Toyota на 24 часа Леман

Седумкратниот првак во светското рели Себастиен Ожие мина два дена на симулатор за да ја научи Toyota GR010 Hybrid. Следно е тестирање во Бахреин.

Французинот Себастиен Ожие, актуелен шампион со тимот за рели на Toyota Gazoo Racing, во првиот викенд во ноември пробно ќе го вози хиперавтомобилот Toyota GR010 Hybrid на тркачката патека во Бахреин. Тоа би требало да води до место на Ожие во тимот на Toyota за најтешката трка во светот, 24 часа Леман.

Водечкиот возач и актуелен шампион во првенството во рели е можно да стане дел од тимот на Toyota за класичниот автомобилски маратон 24 часа Леман. Себастиен Ожие по два дена на мултимилионскиот симулатор на Toyota Gazoo Racing е подготвен на 7-ми ноември да го испроба хиперавтомобилот Toyota GR010 Hybrid во рамките на „тестот за новајлии“ на тркачката патека во Бахреин. Рели-шампионот ќе го вози победничкиот прототип на Toyota од 24 часа Леман во следниот ден по завршната трка во светското првенство во издржливост WEC што се вози во земјата во Персискиот Залив.

За да се подготви за тестирањето на тркачка патека, Ожие престојуваше во седиштето на тимот на Toyota Gazoo Racing WEC во Келн, Германија. За време на симулаторската сесија, тој ги запозна возните својства и перформансите на GR010 Hybrid, што располага со моќност од 700 КС и со погон на сите тркала, а возачот воедно се запозна и со техничарите што ќе соработуваат со него на патеката во Бахреин.

Ожие: „Уште сега се чувствува дека автомобилот се разликува многу од TS050 Hybrid што лани го возев на симулаторот. Како што знаат сите, сон ми е во иднина да се натпреварувам во трките во издржливост и тестот во Бахреин е важна можност за подобро да го научам автомобилот и да се уверам во своите можности.“

Друштво на францускиот возач ќе му прави Шарл Милеси, кој е избран да биде дел од тимот за WEC по неговата импресивна сезона во категоријата LMP2, вклучувајќи и победа на Леман во класа. Милеси исто така мина сесија на симулаторот на Gazoo Racing во Германија.

Тестирањето во Бахреин ќе се состои од утринска двочасовна сесија, по којашто ќе следи тричасовно тестирање во попладнето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Corsa најпродаван автомобил во Грција во септември

Анкета на Peugeot: Родителите сакаат децата да им возат електричен автомобил