за

Со Toyota Yaris Hybrid во Велес, градот на поетите и гемиџиите

На новиот Toyota Yaris му припаѓа тешката задача да ја изведе следната голема револуција во класата. Може ли „големиот мал“ да биде исто толку убедлив, колку што се Corolla & Co против своите конкуренти? Одговорите ги бараме во градот што ги спојува поезијата и револуцијата.

Во Македонија можеби немаме патека за тестирање супербрзи автомобили, но ја имаме најдобрата тест-патека за градски автомобили. Уште подобро, за градски автомобили со хибриден погон. Со новиот Yaris возевме по старите велешки населби Којник, Сар Маале, Прцорек, Поток, во градот со голема културна, но и уште поголема револуционерна историја. Хибридна и свежа од фабрика Toyota Yaris во Велес.

Потребна е голема вештина да се управува возило меѓу столетните куќи по велешките ридови. Прво е потребна врвна извежбаност во притискањето и отпуштањето на гасот и спојката, кога треба да се појде по стрмното. Бројни рамничарски возачи ќе се изненадат кога и нив ќе им се случи тука да им изгасне моторот. Понатаму е неопходно да се поседува најточна претстава до каде досегаат каросеријата или браникот, кога треба автомобилот да се повлече сосем до крај и да се ослободи простор за разминување со возилото што доаѓа отспротива. Следно, како што ќе расте искуството, така би требало да се развива и некој посебен вид телепатска комуникација со другите возачи, за разминувањето да мине рутински и да не се предизвика застој што ќе го запре сообраќајот на половина рид. Своевидни возачки предизвици се и спуштањето, менувањето степени со рели-манир, враќањето во рикверц во простор што возачот го знае само по помнење. На сето тоа треба да се додадат уште одлични рефлекси, да се избрише страв од висина, а како врв на специјализацијата по велешките улици ќе треба да се испрактикува релаксирано да се поздравуваат и отпоздравуваат соседите, познајниците и убавите моми попат. Сето тоа е на агендата на возачки предизвици во Велес.

Автомобил и возач што безгрешно ќе ги минат сите предизвици на Велес, тој автомобил и тој возач ќе функционираат каде било. Ние за овој тест го имаме сосем новиот Toyota Yaris од четврата генерација, со одвај петстотини километри на бројачот и уште невиден по улиците, со традиционална јапонска сино-бела комбинација на каросеријата и со сета технологија со којашто Toyota располага моментно. Хибриден Yaris, тоа се подразбира.

Зошто се подразбира Toyota Yaris да биде со хибриден погон? Затоа што во претходната генерација, оваа наследничка на легендарниот Starlet единствена во класата возеше со хибриден погон. Како своевиден феномен, повеќе од половината од продажбата на Yaris во Европа отпаѓаше на изведбата со хибриден погон. На германскиот пазар, уделот на Yaris Hybrid дури надминуваше 80 проценти. Со новиот модел, уделот само ќе расте.

Постојат само уште три модели со хибриден погон во класата, едниот е прескап, другиот е половина година во најава, третиот не се ни спомнува на македонскиот пазар

Во меѓувреме, на хибридниот Yaris му се придружија Honda Jazz 1.5i MMD и Renault Clio E-Tech 140. Како кросовер, со полн хибриден погон во оваа класа вози само уште Hyundai Kona 1.6 GDI Hybrid. Тоа се големи марки, но скромен е нивниот настап со погонската технологија што јапонскиот примус ја негува подолго од две децении. Пример, цените: Добро познатото и ценето моделско име на Honda, во ценовникот на Макпетрол фигурира со 24.990 евра за ниво Comfort и уште илјада евра повеќе за повисокото ниво Elegance. Кај Французите, E-Tech уште е во најава за македонскиот пазар. Hyundai не ја спомнува хибридната изведба на кросоверот Kona.

Затоа, кај Toyota, хибридот е како добар ден. Со тековната акциска понуда, Yaris Hybrid стартува од 16.990 евра – во второто ниво на опрема Fancy. Тоа е моќта на Toyota и плод е од дваесетгодишниот развој, за модел со хибриден погон денес да се понуди по незначително повисока цена од моделите со обичен мотор, па уште и во класа во којашто конкуренцијата одвај заработува и од продажбата – на модели со обичен мотор.

Тука е јадрото на напредокот во браншата, кај Toyota и кај нејзиниот хибриден погон. Не е важно дали некој франко-итало-амеро концерн ќе присобере уште некоја пропадната марка во своето портфолио, божем ќе ги гони Toyota и Volkswagen, а најмалку е важно кога на едикојси модел во овие денови во фабрика ќе му залепат ознака Hybrid на ламарината, без погонската техника притоа да има барем најмала врска со хибриден погон.

Хибридот во Toyota Yaris штеди на гориво, но не се штеди да обезбеди уживање во возењето

Погонот со две срца на Toyota веќе одамна не се поврзува „само“ со штедење гориво и покажување грижа за животната средина, туку се повеќе се поврзува и со уживање во возењето. Колку може да се ужива со Toyota Yaris Hybrid по тесните и стрмни улици по Којник и компанија? Најмногу! Со 1,5-литарец со 92 КС и електромотор со 80 КС, односно заедно со 116 КС, автомобилов одвај сеќава дека е нагорнина. Моторот дури и не ги качува вртежите, за барем малку да покаже дека искачувањето му е напор. Суперинтелигенцијата на погонот во секој момент ја избира најдобрата стратегија, за возењето да биде во исто време и релаксирано и ефикасно.

Благодарение на менувачот CVT, кој сето време остава впечаток како да се работи за класичен автоматик, поаѓањето по секое разминување и скршнување по тесните улички на прочуениот Којник е лесна вежба. Додека со друг автомобил, човек во еден момент ќе посака, во вакви услови да го остави автомобилот и да продолжи пеш, Yaris прави возењето во овие екстремни градски услови да биде задоволство. Апсолутно не постои сценарио во коешто возачот би се пожалил дека недостига моќ, дека дозирањето на педалата за гас или на сопирачките е непрецизно или воопшто да се пожали дека му е непријатно возењето. Човек да помисли дека инженерите на Toyota го тестирале новиот Yaris и по овие историски улици на Велес.

Старите и тесни улички не се туѓи за овој „мал-голем“ автомобил. Toyota уште од старт го развиваше Yaris како модел со нагласок на европскиот пазар и во сите години досега, тој прерасна во едно од моделските имиња што ја одредуваат играта во класата. Историјата се повторува. Corolla веднаш по стартот во актуелната генерација распали по продажните листи како вселенска ракета по ослободувањето на потрошените резервоари гориво. Yaris стартува подобро и од неговата поголема сестра.

Yaris Hybrid е најпродаван модел со алтернативен погон на европскиот пазар, пред сите електрични модели

Со 3.117 примероци, тој беше осми најпродаван модел во Франција во ноември и воопшто е прв автомобил од нефранцуска марка на листата. Уште поубедлив е успехот во Италија, каде што најновата Toyota била втор најпродаван модел во ноември, со 4.529 примероци, пред Citroen C3, Renault Clio или Ford Fiesta. Не заостанува ниту успехот на германскиот пазар, со 31-то место за Yaris по сите фолксвагени и мерцедеси, и со 2.532 продадени примероци во октомври, по Corsa, Polo и Fiesta. Две од секои три продадени возила се во хибридната изведба.

Сликата ја заокружува податокот дека Toyota Yaris со 13.338 примероци бил најпродаван модел со хибриден погон во Европа во октомври. Дури и Toyota Corolla заостанува со 9.728 примероци. За завршеток на ова поглавје со силни статистички податоци, јапонскиот пазар. Во октомври, Toyota Yaris бил најпродаван автомобил воопшто во татковината на марката, со 18.592 примероци.

Се враќаме назад на нашата историска калдрма, што воопшто не му е туѓа на овој модел кој е само втор во хиерархијата на Toyota, по Aygo. Кога автомобилов би го немал хибридниот погон како најсилен адут, тогаш сигурно подвозјето ќе биде оној клучен момент што ќе ги убедува возачките и возачите. Каросеријата е беспрекорно крута и тоа се познава бидејќи целосно отсуствува непријатното резонирање на постарите автомобили, кога ќе се растресат по калдрма. Амортизацијата вешто спречува тркалата да се растропаат. Ниту оттаму не доаѓаат непријатни вибрации или звуци.

Малиот круг на вртење не функционира само на хартија, туку и солидно се чувствува кога треба да се сврти на тесен простор

Апсолутен нон-плус-ултра е малиот круг на вртење. Неговите предности се чувствуваат совршено токму на овие улички недалеку од родната куќа на Кочо Рацин, во Сокаче на Поезијата. Не постои модел во класата со помал круг на вртење од Yaris, со неговите 9,8 метри. Тоа значи, дека на места на кои со друг автомобил при вртењето ќе мора возилото да се врати назад и да се изведе уште еден маневар, Toyota многу веројатно ќе мине од еднаш.

Доаѓа вредна пофалба кога автомобилот го запираме за фотографирање покрај еден од двата прочуени јавори на Којник, прогласени за споменици на природата. „Како успеа, пред малку те видов кога возеше горе, сега те гледам тука“, еден повозрасен велешанец со овој коментар всушност ја даде најверодостојната потврда дека автомобилот е способен за градот.

Машинава што како да е дизајнирана токму за оваа комбинација од бои, личи како угледен господин, што сите го почитуваат и немаат за што да му забележат. Таквиот имиџ се градел со децении, прво со традиционалните вредности на името Toyota, второ со технолошката супериорност на хибридниот погон, а понатаму и со грижата за животната средина. Откако целата бранша почна да се префрлува на хибриден и електричен погон, јапонската марка само профитираше.

Бројни марки почнаа да разгласуваат дека и тие нудат хибриден погон, иако тоа се два различни светови: Едно е благ хибриден погон што се состои единствено од стартер-генератор, друго е полн хибриден погон што е цела фабрика за штедење

Хибридниот погон на Toyota „успеа“ поради тоа што марката уште од претходно ја следеше имиџ на производител на нерасипливи и издржливи автомобили. Некои производители, кои сега се многу гласни со електрификацијата и нудат хибриден или електричен погон, сепак тешко ќе го надвикаат имиџот на неквалитетна и небрежна изработка на нивните автомобили. Тие марки што возачите ги поврзуваат со лошо искуство и лош глас, сигурно нема да го подобрат имиџот со тоа што сега со масовната електрификација ќе почнат да вградуваат уште повеќе технологија во своите возила. Имиџот не се менува преку ноќ.

Секако дека автомобилов располага и со други вредности. Што им останало на стратезите и инженерите на Toyota да понудат како изненадување, откако предизвикаа општо одушевување со Corolla, RAV4, Camry, C-HR, со цела генерација модели? Можеби изненадувањето во новиот Yaris не следи веднаш при повлекувањето на рачката на вратата или по седнувањето, но затоа веќе во третиот потег доаѓа аха-ефектот. А, тоа е една толку обична работа, што ја прави (речиси) секој по седнувањето во возилото: Ставањето ремен. Бравата на ременот е поставена повисоко од обично. Токму во моментот кога човек е навикнат со погледот да побара каде е бравата, јазичето на ременот веќе си го нашло своето место. Една толку „наивна“ работа, а значи толку многу.

Следната голема промена е во вратата. Тука сé е изместено. Рачката за вратата практично е впуштена во една необична форма, што озгора ги содржи прекинувачите за прозорците и надолу преоѓа во дршка за повлекување на вратата. Тоа што изгледа како футуристичко оружје што се навлекува на рака во RPG-игрите, исто така е подобрување од класичното решение. Целта е прекинувачите за прозорците да бидат повисоко, а ракувањето пак да биде практично. Овие прекинувачи не се толку неважни во градско возило, и воопшто во возило од која било класа. Предноста се гледа при секое запирање на рампа на паркинг, било да е тоа пред работното место, пред домот или супермаркет. Потребно е привикнување, тоа секако, но различниот пристап ќе се цени.

Toyota Yaris од четвртата генерација не е развиван рутински, извршени се бројни темелни промени во подрачја во кои и не сме помислувале дека има простор за подобрување

Уште неколку детали се убаво сведоштво дека нов Yaris и нова Toyota не се конструираат набрзина. Уште многу детали, всушност, отстапуваат од тоа што браншата со години го почитувала како стандард, затоа што никој не се сетил да смени. Средишниот дисплеј веќе е стандардизирана новина, но обично е само додадена во постоечките концепти. Кај Yaris е малку поразлично, затоа што кокпитот е вовлечен во делот под дисплејот, за да остави простор за сместување за една од најважните работи на денешницата, за телефонот. При посегнување кога тој е на „стандардното“ место, сокриен зад рачката на менувачот, погледот е далеку од патот, исто и вниманието. Тука е многу порелаксирано во тој поглед.

Џебовите во вратите се џиновски, средишната конзола исто така е практична, затоа што меѓу другото стандардно отсуствува рачка за паркирната сопирачка, а средината ја облагородуваат тенката и ефектна лајсна што кружи целиот кокпит, заедно со облогата на вратите што личи како сив деним. Прекинувачите на воланот и натаму не се дизајнирани да победат на натпревар за убавина, но затоа сигурно се констурирани и изработени за да трајат до недоглед и да бидат практични.

Чудно е тоа што во нивото Chic на тест-возилото, стартувањето на моторот е со механичка брава. Секако дека и за тоа постои објаснување. Тоа што Toyota го направи со новата генерација на Yaris, во нејзината хибридна изведба, не е друго туку „демократизација“ на погонот со две срца. Тој е достапен уште од основното ниво, од Light. Хибридот повеќе не се поврзува само со повисоките нивоа на опрема. Кој цени дека стартувањето на копче е важна работа, тоа стои на располагање во четвртото ниво на опрема Chic Xtra, заедно со диодни предни и задни светла, пошироки и подотерани алу-тркала, амбиентално осветлување, пристап без клуч и уште дигитални инструменти – сето тоа во типично широкоград стил на Toyota, спакувано во пакет што чини точно 1.000 евра над нивото Chic.

Во поглед на опременоста, Yaris нуди ниво што ја качува противвредноста на многу повисоко ниво од повеќето конкуренти, особено во системите за асистенција и безбедност

Прашањето за опремата, тука не е прашање. Секој Yaris доаѓа со систем за самостојно запирање при опасност од судир, со препознавање пешаци и велосипедисти, со приспособлив темпомат што исто така самостојно подзабавува кога напред има побавно возило, па на тоа уште со систем за задржување на возилото во лента и автоматско вклучување и исклучување на долгите светла. Има и една „мала“, но важна иновација: Toyota стандардно вградува воздушна перница за просторот меѓу патниците на предните седишта, за да се исклучи и можноста од меѓусебно удирање на телата во случај на страничен судир – тоа е ексклузива на Yaris, не само во својата класа, туку и во повисоките класи.

Клима уред, инфо-забавен систем со дисплеј од 7 инчи, поддршка за Android Auto и Apple CarPlay, говорни команди, e-call, електрика на предни прозорци со автоматска функција, греење на ретровизорите и трепкачи во нив, и тоа сé е стандард во секој Yaris што излегува од Тојота Авто Центар. Со 1,0-литарски мотор со 72 КС, „големиот мал“ стартува од акциски 12.490 евра.

Средината меѓу 1.0 и 1.5 Hybrid ја пополнува изведбата со 1,5-литарец со 125 КС, шестстепен мануелен менувач и акциска цена од 13.990 евра, вклучувајќи го повисокото ниво на опрема Fancy. Тука дополнително се добиваат кожа на воланот и на рачката на менувачот, за еден инч поголем дисплеј, камера за рикверц и електрика за задните прозорци. Во ова ниво моментно почнува и понудата на Yaris со хибриден погон, со акциска цена од 16.990 евра.

Новиот Yaris е штедлив, модерен, комфорен, квалитетно изработен, но пак најмногу бодови ќе освојува со просторноста; Не е случајност тоа што јапонската марка го заживува мотото од првата генерација, „голем мал“; Yaris е меѓу најпросторните модели во класата

Тест-возилото е уште едно ниво погоре, во Chic, и за редовната цена од 19.290 евра (акциската цена би требало да е 17.790 евра) поседува дополнително автоматски бришачи, магленки, ветробран со звучна изолација, алу-тркала од 15 инчи со гуми 185/65, грејачи во предните седишта и 6 звучници. Конкретниот модел има и двобојна каросерија, што се води како Bi-Ton и чини 500 евра. Над тоа следат уште три нивоа, во врвното и ексклузивно ниво Premier Edition Bi-Ton, со редовна цена од 22.290 евра.

Уште една силна страна на Yaris IV е просторноста. Тоа е одлика на целата генерација модели од Corolla до Camry и дел е од начелата на платформата TNGA. Просторното чувство на предните седишта е како да се седи во компакт. Одговара и прегледноста, а следи и големо изненадување, кога на задната клупа исто така ќе се покаже дека простор не недостига. За изгледот на опашот, стилистите на куќата се инспирираа од става на спринтер-ка на стартна позиција. Тоа е добар момент и придонесува многу за Yaris да биде препознаен кога ќе се појави на улица, но како своевиден пропатен ефект е тоа што визуелно се стекнува впечаток дека назад има помалку простор за седење. Секако дека тоа е сосем различно од реалниот впечаток, затоа што токму во просторноста и лесниот пристап до задната клупа, оваа Toyota е во предност пред многу модели од класата. Во секој правец има најмалку по еден палец слободен простор, било да е тоа пред колената и над главата, или до вратата.

Овој мал стилски каприц, совршено им е извежбан на дизајнерите на куќата. Со впечатливиот завршеток на каросеријата и оддалеку препознатливата странична силуета на Yaris, дизајнерите на Toyota ја применија истата идеја како кај култниот Prius. Холивуд своевремено лудуваше по хибридниот пионер, меѓу другото и поради тоа што Prius се издвојуваше во уличната слика. Во неговиот изглед имаше вградено една мала дисхармонија, што правеше автомобилот да го привлече вниманието каде и да се појави. Многу е едноставно. На ѕвездите од големото платно тогаш им беше важно да бидат видени во Prius.

Додека некои модели во класата се обидуваат да ги имитираат големите автомобили од својата марка, Yaris останува оригинален и многу лесно се препознава во уличната слика

Трикот функционира и денес. Најпродавани електрични автомобили се тие што јасно се идентификуваат како такви, од типот на BMW i3, секоја Tesla, Renault Zoe, а сега и Volkswagen ID.3. Возачите на електричен автомобил едноставно сакаат да бидат забележани со својот автомобил на струја. А, тоа се постигнува кога автомобилот изгледа различно. Така и Toyota, со вешт стилски зафат во опашот, направи Yaris да биде препознаен, каде и да се појави. Секако дека тоа е варијантата што е поделотворна. Некои други модели стануваат релевантни единствено затоа што имаат различен дизајн, Yaris е релевантен затоа што е Toyota и затоа што ужива добар глас како модел, па кога на тоа ќе се додаде и различен дизајн, значи дека релевантноста се удвојува.

Нема двоумење околу лесното и релаксирано возачко секојдневие со хибридниот Yaris во градска средина. Велес ни овозможи уште еден тест. Последната позиција на бирачот на степени е означена со B, за „brake“. Тоа значи дека електромоторот создава поголемо „моторно сопирање“, односно батеријата се полни засилено кога ќе се отпушти гасот – или кога Yaris ќе се пушти удолу по велешките улици. Место да се притиска врз сопирачката, едноставно рачката се префрлува од D во B и Yaris потсопира посилно. Посебно е задоволството кога при пуштањето удолу ќе се здогледа како „пауерметарот“ пријавува полнење на батеријата со полна сила. Користењето на „B“ може да се практикува и при сопирање пред семафор. Така, залетот што инаку би се потрошил како топлина – и би се прегреале сопирачките – станува електрична енергија, што потоа се користи кога електромоторот ќе му се придружи на бензинецот.

Потрошувачката на тестот изнесуваше 4,5 литри – без разлика дали возењето е по стрмните улици на старите велешки населби или по булеварите во градот. Истата вредност важи и за возење по автопат, по планина, по кривулест пат, со нормално темпо, без усилени мерки за штедење. Тоа е вредноста што секој ќе може да ја постигне во секојдневието. Со повеќе грижа околу темпото и забрзувањето, може да се заштеди уште еден литар, меѓутоа суштината на хибридот е во тоа, погонот да го растовари возачот од мислата дали со актуелното темпо можеби троши премногу и дали треба да го подотпушти гасот.

Погонската спрега е за 15 проценти посилна во споредба со претходниот модел, а во исто време штедливоста е зголемена за 20 проценти; На крајот е најважно тоа што патниците се чувствуваат пријатно во автомобилот и големо е уживањето за возачот

Хибридниот погон денес ретко на кого му е непознаница. Поентата на електромоторот е во тоа да го поштеди моторот од работа во режим во когошто потрошувачката на гориво не е оптимална. Тоа обично значи дека електромоторот спречува моторот да работи со повисоки вртежи, и асистирајќи му, овозможува Yaris Hybrid да се искачува, да забрзува и да поаѓа со нормално темпо, додека моторот во тие услови се одржува во средно подрачје на вртежи. Голема улога има и менувачот CVT, кој значително помага да се „најде“ оптималниот пренос и на тој напин да се зголеми ефикасноста на погонот.

Не е изненадување кога при возење по автопат со постојана брзина, на моменти ќе се открие преку приказот на дисплејот дека Yaris и при темпо 120 може одредена делница да мине само со погон од електромоторот. Бројни промени и усовршувања се преземени во секоја компонента од хибридниот погон во новиот Yaris. Резултатот од тоа, во најкусиот опис е следниот: Овој Yaris на семафор повлекува прв, динамиката и перформансите се за класа повисоко во споредба со претходникот, а погонската спрега во исто време работи и потивко и покултивирано. Тоа значи, побрз Yaris Hybrid и поштедлив Yaris Hybrid. И покомфорен и подинамичен.

Изненадувањето во поглед на возните својства е веќе „претерано“. Доволно ќе беше тоа што автомобилов одушеви со хибридниот погон, со комфорното подвозје и просторната кабина, со тивката кулиса во кабината и со релаксираното секојдневие во секој поглед. Дури и цените се пријатно изненадување, особено кога ќе се земе предвид супериорната опременост. Но, зарем требаше да следи и ова апсолутно неутрално однесување во свијоци, што прво и непогрешливо наведува на излитената фраза дека Yaris „вози како по шина“.

Со свежината што ја донесе, новиот Yaris потсеќа на времето на 1990-те години, кога моделите во оваа класа со новините го привлекуваа вниманието на целата автомобилска сцена – целата приказна се заокружува со GR Yaris, со неговите рели-гени

Оваа неочекувана динамика, всушност го создава посебниот шарм на автомобилов. Toyota повторно е активна во рели спортот и не пропушта тоа да го рашири насекаде, меѓу другото и со своите GR-болиди. Паралелно со овој цивилен Yaris, постои и GR Yaris со 261 КС. Колку и да се различни, нешто од генот во GR се префрлил и во овој Yaris за секој ден. Тоа што ќе се почувствува кога ќе се влезе во свијок или ќе се изведе некој сложен маневар, од типот на избегнување ненадејна пречка на патот, не е друго туку е инженерско мајсторство со голема доза на искуство од мотоспортот. Автомобилов колку што штеди на гориво, толку не се штеди за да направи возачко задоволство.

За да не го пуштиме туку така, без критика, во јавност: За време на тестот не успеавме да откриеме како се исклучува предупредувањето при преоѓање во соседна лента без пуштен трепкач, и во (големиот) багажник би сакале да најдеме поцврста подлога, барем во ова ниво на опрема. Цените се фантастични, хибридот е легендарен, одамна немало толку убедлив и симпатичен модел во оваа класа. Уште еден „детал“. Овој Yaris Hybrid ќе биде сосем пристоен автомобил и по десет години, кога и самата Toyota ќе нуди чисто електрични модели, и воопшто по улиците ќе циркулираат повеќе модели со погон само на струја. Ова е инвестиција во иднината.

Врска до технички податоци и цени на официјалната страница за моделот на Тојота Авто Центар

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-AMG GT 63 стар една година со 100.000 евра „попуст“

Ексклузивна испорака на Mercedes-AMG GT 63 во Мак Аутостар

Mercedes G-Class достигна 400.000 произведени примероци

Mercedes G-Class достигна 400.000 произведени примероци