Продолжува експлозијата на коњски сили во компакт класата. По Mercedes A 45 AMG, VW Golf R и Audi S3, сега е ред на Opel да покаже колку најмногу може да извлече од Astra OPC.
Opel подготвува специјална серија на Astra OPC што ќе биде оптимирана за тркачките патеки. Студија на компактниот болид ќе биде претставена на салонот во Женева, од 6-ти до 16-ти март. Германците не откриваат многу детали од моделот што подоцна ќе се произведе во мала серија, но ветуваат дека новата топ варијанта ќе има значително повеќе коњски сили од стандардната Astra OPC со 280 КС.
Opel Astra Extreme ќе поседува и повеќе делови од карбон, заради заштеда во тежината, како и безбедносен кафез, школкасти седишта и безбедносни ремени на шест точки, како што е ред за возило за трка. Пример дава тркачката верзија на Astra со 300 КС, но за разлика од малосерискиот OPC Extreme таа не може да се регистрира за сообраќај. Цените уште не се соопштуваат.
Новиот топ модел на Astra ќе биде последен член во серијата моќни спортисти во компакт класата. Неодамна реперот го постави Mercedes A 45 AMG со 360 КС. Volkswagen најави варијанта на Golf R со 370 КС и дополнителна ознака Evo, а наскоро и Audi ќе одговори со уште посилна верзија на S3 Plus.