за

Opel Astra на струја како четврта погонска опција

Новата изведба на Opel Astra што користи само електричен погон им се придружува на електричните верзии на Corsa и Mоkka, на патот на Opel кон целосно електрична марка.

Освен во класичната каросериска изведба со пет врати, Opel Astra Electric ќе биде достапна и како комби Touring Sports, коешто ќе биде и прво германско комби во компакт класата, што вози чисто на струја.

Opel ќе ја пушти во продажба целосно електричната изведба од новата Astra напролет во 2023 година. Тоа ќе биде четвртиот вид на погон што марката од Риселсхајм го нуди во гамата на својот компакт. Astra моментно се нуди со избор од бензински и дизел мотори, како и во изведба со приклучен хибриден погон.

Astra Electric (исто така се нуди во верзија со волан од десно, под марката Vauxhal) ја користи платформата EMP2 на концернот Stellantis. Тоа е истата платформа од сестринскиот модел, електричниот Peugeot e-308. Двата модели користат батерија од 54 kWh, во којашто се применува нова хемија, односно таа се состои од 80 проценти никел, 10 проценти манган и 10 проценти кобалт. Максималниот досег изнесува 416 километри.

Електромоторот е плод од свежо реализираната соработка меѓу концернот Stellantis и јапонската компанија Nidec. Максималната моќност изнесува 115 kW, што одговара на 156 КС. Според нормите, просечната потрошувачка изнесува 14,9 kWh на сто километри.

Opel уште не ги објавува цените за Astra Electric. Тоа е трет патнички модел на марката во тековната понуда, покрај градскиот модел Corsa-e и СУВ-изведбата Mokka-e. Постојат и доставни модели што исто така користат електричен погон. Opel по 2028 година во Европа ќе продава само чисто електрични возила.

Расте понудата од модели со електричен погон во компакт класата

Astra е петти најпродаван модел на Opel до октомври, со вкупно 26.154 примероци. Продажбата е намалена за 47 проценти во споредба со 2021 година и јасно укажува на стегите што недостигот од чипови им ги поставува на најголемите производители на автомобили.

Тековната генерација стартуваше со испораки во првиот квартал годинава. Моделот се произведува во матичната фабрика на Opel, во Риселсхајм.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Opel (@opel)

Некои од главните соперници на Astra во сегментот што е трет најпродаван во Европа, исто така нудат електрични верзии од традиционалните модели со бензински и дизел мотори. Peugeot e-308 исто така пристига в година, придружувајќи се на Citroen e-C4.

Во исто време расте и бројот на модели во компакт класата што се нудат само во електрична изведба, како Renault Megane E-Tech, Nissan Leaf, Volkswagen ID3 и Cupra Born. Можно е наскоро да се појави и чисто електрична изведба од Golf 8, со приспособена платформа MEB.

На моделите со чисто електричен погон во компакт класата моментно отпаѓаат околу 15 проценти, во периодот од јануари до септември.

Тест · Opel Astra Ultimate 1.5 Diesel: Родена под среќна ѕвезда

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хибридниот СУВ-модел ZR-V се придружува во понудата на Honda в година

Mercedes EQS паркира самостојно, возач не е потребен