Европската верзија на компактниот СУВ-модел Honda ZR-V ќе го користи истиот хибриден погонски систем со 2,0-литарски бензинец како јапонската изведба.
Новиот ZR-V во СУВ-понудата на јапонската марка ќе биде позициониран меѓу малечкиот и стилски HR-V и поголемиот и луксузен модел CR-V. Моделот веќе се продава во САД, но таму се нуди под моделската ознака HR-V, со обичен дволитарски бензинец. Во април в година моделот ќе стартува со продажба во Јапонија.
Европскиот модел ќе располага со истиот хибриден погон, како верзијата за јапонскиот пазар. Дволитарскиот бензинец е комбиниран со два електромотори, коишто имаат посебна стратегија на работа за Honda, со тоа што едниот електромотор постојано работи како генератор. Според јапонската марка, погонот нуди забрзување како трилитарски мотор V6.
Јапонската верзија исто така се нуди во изведба со погон на сите тркала, како и со низа системи за асистенција, коишто имаат за цел да ги подобрат комфорот и бебедноста. Меѓу тие системи се вбројува приспособлив темпомат, асистенција при движење во бавна колона со постојано запирање и поаѓање, како и асистенција што ја контролира линијата на движење за да се избегне удар во пешак на патот.
ZR-V е меѓу трите нови СУВ-модели што Honda в година ќе ги лансира на европскиот пазар, за марката да го врати некогаш солидниот пазарен удел во регионот.
CR-V ќе биде заменет со нов модел, што ќе се нуди во верзии со стандарден хибриден и приклучен хибриден погон. Тоа ќе биде прв модел на Honda со можност за надворешно полнење на батеријата.
Јапонскиот производител ќе стартува и со продажба на целосно електричниот СУВ-модел со ознака e:Ny1. Honda уште ги нема објавено фотографиите од моделот што ќе го нуди во Европа. Станува збор за електрична верзија на HR-V. Тоа ќе биде втор модел на Honda со целосно електричен погон, по Honda-e, градски автомобил што не наиде на поголем успех во продажбата.
Honda до крајот на септември продаде само 52.706 возила во Европа, значително послабо во споредба со лани и посебно во споредба со некогашните угледни резултати од продажбата. Најпродаван модел е HR-V, престигнувајќи го на тоа место градскиот модел Jazz, со продадени 18.861 примероци.
Новиот Honda HR-V со хибриден погон веќе подолго време е во редовната понуда на македонскиот пазар.