Германија донесе закон со којшто се дозволува автономно возење од Ниво 4, без потреба за возачот да учествува во управувањето. Mercedes S-Class и неговиот електричен пандан EQS уште однапред се подготвени за тој закон. Засега е дозволено луксузните крстосувачи да паркираат наполно сами, во гаража на аеродромот во Штутгарт.
Mercedes-Benz и Robert Bosch добија дозвола да користат софтвер за наполно самостојно паркирање возила, којшто овозможува автомобилите сами да одвозат до однапред резервираното место за паркирање во катна гаража на аеродромот во Штутгарт.
Софтверот комуницира со сензорите што се поставени во катната гаража и препознаваат кога се појавува пречка пред возилото. Напредната технологија доби одобрение од германската агенција за моторен собраќај, за таа да се користи во само една катна гаража на аеродромот во Штутгарт, којашто е снабдена со неопходната технологија.
Функцијата е достапна за сопственици на автомобили Mercedes-Benz S-Class или на електричниот EQS, што се произведени по јули годинава.
Двете компании добија одобрение во 2019 година, за да почнат со користење на системот за автоматско паркирање во катната гаража што е во кругот на музејот на Mercedes-Benz во Штутгарт. Добавувачот на автомобилската индустрија Bosch соработува со Mercedes-Benz во развојот на технологијата за самостојно паркирање уште од 2015 година.
View this post on Instagram
Возачите на двата модели на Mercedes-Benz можат однапред да резервираат место за паркирање, со помош на апликација. Возилото потоа се остава во посебниот простор, од каде што понатаму продолжува да се движи целосно самостојно до одредиштето во катната гаража. Секако дека апликацијата се користи и за возилото да се повика назад и да довози до местото од коешто понатаму возачот ја презема контролата.
Германија лани во јуни донесе закон којшто дозволува самостојно возење од Ниво 4, без потреба од човечка интервенција, во одредени подрачја во јавниот простор.