за

Новата Astra е историски најголемата утка на Opel

Во автомобилскиот свет обично малите се раководат според поголемите. Обично. Новата Astra личи како спој на малечкиот Adam и Corsa од пред две генерации, има мотори од Adam … и најважното, ѝ недостига свежина уште од старт.

Тотално разочарување! Не заслужува поинаков опис впечатокот од првите официјални фотографии и информации за новата генерација на Astra што денес ги дистрибуираше Opel. Најважниот модел со којшто располага марката од Риселсхајм за излез од кризата, модел во сегментот во којшто се води најжестоката борба на автомобилската сцена, во услови кога првите конкуренти постигнуваат двојно повисоки продажби, пристига без каков било иновативен дух, без „фактор изненадување“

Дали ова е вистинската симболика за судбината на Astra K?
Дали ова е вистинската симболика за судбината на Astra K?

Настрана изгледот којшто е тотално разнебитен во долгиот и бесценет стилски континуитет на Astra и претходникот Kadett, меѓу новитетите со коишто новиот компакт на Opel треба да настапува пред купувачите нема ништо ново: Трицилиндарски мотор од градскиот автомобил Adam и останати мотори преземени комплетно од претходникот, диодни светла коишто се нудат како опција и се веќе присутни во моделите од повисоките класи, седишта со масажа и вентилација коишто исто така се нудат како опција во поскапите автомобили, софтверски „апдејт“ за компатибилност со iOS и Android, телематски сервис OnStar… Зарем тоа е нова генерација на автомобилот со фантастично долга традиција од 1936 година, единаесет генерации и 24 милиони продадени примероци, и (досега) широк круг фанови и купувачи?

Хибриден погон, или можеби, електромобил, каков што нудат повеќето конкуренти?

Единственото што може да се прифати како новитет е намалената тежина за 120 килограми, како и намалените димензии на каросеријата, благодарение на интелигентниот инженеринг којшто овозможи порационално искористување на просторот. Но, што нуди Astra што конкурентите не нудат? Според иноваторската алипност на Astra, излегува дека во трите години од појавувањето на седмата генерација на Golf и во петте години од актуелната генерација на Focus, целата автомобилска бранша не понудила ниту една нова технологија или каква било друга иновација.

Покрај најавите за дизајнерската револуција со концептот Monza, се очекуваше изглед што ќе се разликува повеќе од оној на Adam
Покрај најавите за дизајнерската револуција со концептот Monza, се очекуваше изглед што ќе се разликува повеќе од оној на Adam

Големи очекувања постоеја околу изгледот на новата генерација, претпоставувајќи дека фантастичниот стил од концептниот автомобил Monza од салонот во Франкфурт во 2013 година ќе се повтори во серискиот модел од компакт класата. Место тоа, доаѓа автомобил што комбинира изглед на урбаното бубаче Adam и форми од пред две генерации на Corsa, па соодветно на тоа оддава впечаток дека се работи за автомобил од пониските класи. Дури и опашот изгледа неоригинално, многумина уште на прв поглед ќе ги препознаат цртите од Hyundai, кој несомнено постигна многу поуспешна дизајнерска револуција, отколку оваа Astra.

Според соопштението од Opel, компактот се базира на нова платформа, со олеснета конструкција. Каросеријата е олеснета за 20 проценти, од 357 на 280 килограми, а дополнителни 50 килограми доаѓаат од примената на челик со висока цврстина за компонентите од подвозјето, вклучувајќи го помошните рамки и оските.

Трицилиндарецот од Adam како основен мотор во Astra

Покрај тоа што новата Astra се инспирира од стилот на малечкиот Adam, од него ја презема и технологијата. Основниот мотор од еден литар со три цилиндри и турбонатполнње ослободува 105 КС, додека врвот е резервиран за 1,6-литарскиот турбо бензинец со 200 КС. Дизелот од 1,6-литар исто така е преземен од претходната генерација на Astra, со 95 КС во основната верзија. Единствениот новитет е 1,4-литарскиот турбобензинец со 145 КС и 250 њутнметри, со блок олеснет за десет килограми во споредба со стариот мотор.

Новата Astra е долга 4,37 метри, што е пет сантиметри покусо од претходникот, додека висината изнесува 1,46 метар или 2,6 сантиметри помалку. Намалувањето на ширината засега не е наведено, но сосема е извесно дека голема заштеда во тежината произлегува токму оттаму. Меѓуоскиното растојание исто така е скусено за два сантиметри, но со новите седишта, патниците на задната клупа имаат за 35 милиметри повеќе простор за колената – што беше една од слабите точки на претходникот.

Премиерата на новата генерација на Opel Astra е во средината на септември, на салонот во Франкфурт.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

35.000 гости на роденденот на „Автомобилскиот град“

Moto Guzzi Eldorado: Живот во луксуз на две тркала