Opel доброволно и предвреме ќе почне да ги објавува реалните вредности на потрошувачката на гориво на своите модели од претстојното лето. Новиот стандард ќе биде задолжителен дури од 2017 година.
Почнувајќи од актуелната генерација на Astra, марката од Риселсхајм во текот на летово ќе стартува доброволно со објавување на новите вредности на потрошувачката на гориво, коишто се поблиски до реалните услови на возење и се одредуваат според новиот циклус WLTP. Овој циклус, чијашто кратенка произлегува од Worldwide Harmonised Light Duty Test Procedure, односно глобално изедначен стандард за мерење на потрошувачката на гориво на патничките автомобили, предвидено е да стапи на важност од 2017 година. Заедно со вредностите според WLTP, Opel ќе ги објавува и вредностите на потрошувачката на гориво според актуелната норма NEDC.
Со новиот циклус на тестирање меѓу другото се воведува и повисока крајна брзина, со 131 место 120 km/h, во предвид се зема и зголемената тежина од дополнителната опрема во возилото, а се пресметува и помало време на мирување на возилото во место. Циклусот WLTP во почетокот ќе се применува само делумно, односно производителите и натаму ќе можат да го користат стариот циклус NEDC за мерење на дозволената количина на СО2 во издувните гасови и исполнување на лимитот од 95 грами CO2 на километар, кој ќе важи до 2020 година.
Впрскувањето раствор на база на уреа во издувот ќе го спасува дизелот
Од август, Opel ќе стартува дополнителна иницијатива за намалување на емисијата на азотни оксиди во издувот преку поинтензивно користење на каталитичката технологија SCR, односно на селективна каталитичка редукција, чијашто суштина е во впрскувањето раствор од уреа во издувниот систем. Тоа претставува доброволен и предвремен чекор во насока на исполнување на таканаречениот закон за емисија при реални услови на возење (RDE – real driving emissions), кој е предвидено да стапи на сила во септември 2017 и предвидува директно мерење на емисијата на возило во движење, со вградена мобилна опрема.

Целта е преку овие мерки да се врати довербата на купувачите во производителите на автомобили, којашто беше начната со монтираната афера со дизел моторите на Volkswagen, за подоцна да се воспостави дека практично сите производители мамат околу реалните вредности на емисијата на штетни материи. Opel, исто така се најде под удар на германските еколози.
Веќе од 2018 година, Opel ќе ја користи технологијата SCR во сите модели со дизел мотор во својата понуда. На тој начин ќе се „спасат“ дизел моторите од наметнатиот, но и заслужен имиџ на нечиста погонска технологија, а со тоа ќе се спасат и масивните инвестиции што производителите на автомобили со децении ги имаат вложувано во развојот на дизелот.
Од август годинава, Opel ќе почне да вградува модифицирани катализатори SCR во моделите што ја поседуваат оваа технологија, за емисијата да се усогласи со нормата Euro 6. Претходно, околу 57.000 сопственици на возила на Opel во Европа ќе бидат повикани во сервисните работилници, заради интервенција врз системот SCR и „унапредување“ во Euro 6. Станува збор за моделите Zafira Tourer, Insignia и Cascada. Оваа акција ќе стартува во јуни годинава.
















