за

Opel стартува со производство на Crossland X во Шпанија

Сарагоса започнува со производство на новиот кросовер што ќе му се придружи на Mokka X и ќе придонесе за зајакнување на Opel во сегментот кој бележи најголем пораст. Crossland X е првиот кросовер на Германците што е изработен врз заедничка платформа со PSA. Истата техника ќе ја користи и идниот Peugeot 2008.

Opel го одбележа официјалниот почеток на производството на Crossland X во фабриката во Сарагоса, Шпанија. Новиот кросовер ќе ја зајакне германската марка во сегментот што бележи најголем раст во продажбата. Шефот Нојман има големи очекувања за Crossland X: „Тој ги поседува вистинските гени да ги следи стапките на нашиот Mokka X, кој веќе постигна голем пазарен успех во сегментот на малечките кросовери.“ Обата модела се произведуваат во шпанската фабрика.

Новиот кросовер е изработен врз заедничка платформа со PSA, како плод од соработката започната во 2012 година. Наскоро ќе следи и поголемиот кросовер Grandland X, врз иста техничка основа со Peugeot 3008. На одбележувањето на стартот на Crossland X беше потврдено и дека следната генерација на Corsa исто така ќе користи техника од францускиот PSA, под чијшто покрив се најде некогашната ќерка на General Motors. Производството на новата Corsa во фабриката во Сарагоса ќе започне кон крајот на 2019 година.

Во Opel е во тек најголемата моделска офанзива во историјата на марката, со 29 нови модели до крајот на декадава, од кои седум пристигаат веќе во 2017 година. Германците повеќе од три децении произведуваат во шпанската фабрика и се најголем приватен работодавач во независната провинција Арагонија. Со продукцијата на Corsa, Mokka X и Crossland X, Сарагоса е најголема фабрика на Opel во Европа, со повеќе дванаесет милиони произведени возила досега.

Германската марка е лидер на шпанскиот пазар во првиот квартал, со повеќе од 25.000 продадени патнички возила и пазарен удел од 8,2 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Метанот ѝ заштедува 800 евра по возило на автошкола во Мадрид

Камион на Volvo запира самостојно при опасност од судир