Системите за асистенција ја воведуваат следната голема револуција во безбедноста во возењето. Камери, радари и интелигентна контролна електроника помагаат во спречување тешки судири. Тоа е особено важно кога е во прашање најтешката категорија возила на патиштата. Volvo Trucks покажува како техниката функционира на дело.
Расте бројот на возила по патиштата, расте и брзината на сообраќајот, а вниманието на возачот во исто време го одвлекуваат мноштвото информации во кокпитот, вклучувајќи го и мобилниот телефон. Овие сменети услови не се изненадување ниту за авто-индустријата, ниту за властите. Од ноември 2015 година, сите нови дво- и троосни камиони во ЕУ мора да поседуваат автоматска сопирачка при опасност од судир. Целта на оваа мера е да се намали бројот на незгоди во коишто камион удира во возило пред себе. Овој вид судири учествува со една петина во незгодите што се предизвикани од камиони. Но, законите се премногу „благи“. Автоматската сопирачка може да ја намали брзината на камионот само за 10 km/h. Од следната година, вредноста ќе се подигне на 20 километри на час. За Карл Јохан Алмквист, шеф за безбедност во Volvo Trucks, тоа е недоволно: „Кога возите со 80 km/h и ќе се активира автоматската сопирачка, брзината треба да се намали многу повеќе отколку за само 20 km/h, заради спречување тежок судир доколку возилото напред е запрено.“
Volvo Trucks во 2012 година воведе систем за предупредување на возачот во критични ситуации. Но, техниката умее многу повеќе од тоа. Автоматската сопирачка се активира само кога судирот е неизбежен и тоа се случува екстремно брзо. Забавувањето се одвива со 7 m/s2, колку што постигнуваат и повеќето од патничките автомобили. Во практика, тоа значи дека камионот ќе запре од 80 km/h за околу 40 метри.
Системот ги следи возилата пред камионот преку камера и радар, во сите временски услови. Кога „сензориката“ ќе препознае критична ситуација, возачот се предупредува преку светлосни и звучно сигнали. Доколку возачот не реагира, запирањето почнува постепено, сé уште „очекувајќи“ реакција од возачот. Ако таа и натаму отсуствува, системот активира целосно запирање. По пет секунди од запирањето се активира и паркирната сопирачка. За сето тоа време, стоп-светлата трепкаат заради предупредување на возилата зад камионот, а под 5 km/h се вклучуваат и безбедносните трепкачи. Автоматската сопирачка реагира и на кривулест пат, а ја препознава и заштитната ограда, исто како и сите возила околу, вклучувајќи и мотоцикли.
Статистиката уште ја нема докажано ефикасноста на системот, затоа што податоците уште се обработуваат, откако истиот беше воведен пред помалку од две години, но во Volvo Trucks се убедени дека ќе се покаже делотворноста на автоматската сопирачка.
Возачот сепак останува најважниот фактор. „Искусен и внимателен возач, кој одговорно го управува своето возило и натаму е најдобар начин за спречување судир,“ додава Алмквист.
















