Електричен Nissan на маратон од 10.000 километри низ Европа

Европа чиниш штотуку го открила автомобилот. Електричниот погон одново ги инспирира авантуристите да се впуштаат во подвизи, исто како пред повеќе од еден век, кога се поставуваа рекорди во брзина или далечина. Комбе на Nissan со електричен погон ќе мине 10.000 километри низ Европа. За подвигот сепак ќе биде потребно време.

Комбе со електричен погон од редовното сериско производство на Nissan ќе извози 10.000 километри низ Европа во знак на охрабрување на возачите и властите за погонот на струја. Французинот Лајонел Суиса и неговиот тим Electrip на 1-ви мај појдоа на 35-дневната авантура.

Почетокот е во Барселона, крајното одредиште е питорескниот Норкап, во Норвешка. Патот меѓу овие две точки минува по таканаречениот европски електричен коридор. На патот низ Франција, тимот Electrip ќе мине по Wattway, патот што е прекриен со соларни панели и произведува струја, во близина на Леман.

Nissan e-NV200 постигнува досег од максимално 170 километри со полни батерии и тоа е реперот при одредувањето на рутата. Како што расте продажбата на електрични автомобили, паралелно се гради и инфраструктурата од станици за полнење. Бројот на овие станици во Европа моментно надминува 4.000 јавно достапни полначи. Според Гарет Дансмор, првиот човек на европската подружница на Nissan, мрежата од полчначи овозможува „возачите да патуваат по целиот континент, без да стравуваат за досегот на батериите.“

Како пионер на електричниот погон, Nissan од 2010 година има продадено над 300.000 возила со погон на струја на глобално ниво. Семејната комбилимузина Leaf е најпродаван електричен автомобил во светот.

Електричната авантура на Electrip може да се следи на твитер под обележувачот #ElectrifyTheWorld.

Претходна објаваКамион на Volvo запира самостојно при опасност од судир
Следна објаваЕвропа во купувачка еуфорија по хибридни автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here