за

Opel развива 13 нови мотори

До 2016 година Opel ќе има три комплетно нови фамилии на мотори, со вкупно 13 нови мотори. Тоа ќе претставува обновување на 80 проценти од погонските единици со кои што располага производителот. Истовремено се работи и на нови менувачи.

Почетокот на серијата ќе го означи 1,6-литарски бензинец со турбонатполнење и дизел со истата зафатнина. Кон крајот на годината се очекува и нова фамилија на мали бензински мотори. Развојната цел е висока моќност и максимална култивираност.

Четирицилиндарскиот бензинец од 1,6 литар со директно впрскување SIDI (Spark Ignition Direct Injection) ќе се нуди во две изведби, како Eco Turbo со 170 КС и 280 њутнметри и како Performance Turbo со 200 КС и 300 њутнметри. Првата варијанта е ориентирана на ниска потрошувачка и добро повлекување од најниски вртежи, додека верзијата со 200 КС и литарска моќност од 125 КС ќе поставува репер во класата со својата моќност.

Во споредба со стариот 1,6-литарец, SIDI Turbo има за 30 проценти повисока моќност и вртежен момент, а потрошувачката е пониска за 13 проценти. Eco Turbo одушевува и со еластичноста. Меѓузабрзувањето од 80 до 120 km/h во петтиот степен е покусо за 20 проценти во споредба со стариот бензинец.

Бензинецот ќе биде единствен мотор во неговата класа на големина со две балансирачки вратила, за максимална смиреност во работата. Тежината на блокот на моторот е смалена со стеснување на ѕидовите и со основна плоча од алуминиум. За ниската потрошувачка ќе придонесува и централната поставеност на свеќичката за палење и на вентилот за впрскување. Моторот ќе се одликува и со спонтана реакција, со динамична регулација на притисокот на натполнење во турбината, со ефект сличен на Twin-Scroll, но со таа разлика што се користат резонатори за низок и висок притисок во компресорот, заради спречување на пулсации и пиштење.

Новиот 1.6 CDTI ecoFLEX ќе биде врв меѓу дизелите

Комплетно новиот 1,6-литарски дизел, кој ќе дебитира во Zafira Tourer, се одликува со врвни перформанси во сите клучни критериуми. Агрегатот со 136 КС испорачува 320 њутнметри и ги заменува актуелниот 1,7-литарски дизел, како и послабата верзија на дволитарскиот дизел. Планирани се и верзии со поголема моќност.

Првиот комплетно алуминумски дизел на Opel постигнува литарска моќност од 85 КС, што е врв во класата на големина. Со овој мотор, ванот ќе биде најштедлив во својот сегмент. Исто како бензинскиот пандан, 1.6 CDTI ecoFLEX ќе постигнува врвни вредности во поглед на акустиката, вибрациите и култивираноста, во споредба со конкурентите од 1,6 литар.

Во поглед на емисијата на штетни материи, новиот 1.6 CDTI ecoFLEX е чист како бензинец. Тоа ќе се постигне со систем за селективна каталитичка редукција BlueInjection, односно со впрскување на уреа, како и со катализатори LNT, така што моторот ќе ја исполнува идната норма Euro 6.

Со преминот на алуминиум, моторот е 20 килограми полесен. Со десет впрскувања во еден работен такт се постигнува ниска потрошувачка и висока смиреност во работата. Реакцијата е подобрена со водено ладење на турбокомпресорот со варијабилна геометрија и со притисок на натполнење до 1,7 бар. Ниските внатрешни отпори, програмираната работа на пумпата за вода и варијабилната пумпа за масло дополнително влијаат врз намалување на потрошувачката.

Нови менувачи во комплет со новите мотори

Инженерите на Opel постигнаа голем напредок во ракувањето со новата генерација на пет и шестстепени менувачи, преку подобрувања во конструкцијата на менувачот и на механизмот за ракување. Овие менувачи се користат во моделите Adam, Meriva, Mokka, Astra, Antara, Zafira и Insignia со мотори со вртежен момент повисок од 130 њунтметри.

За модели од ниската и компакт класата со вртежен момент до 235 њутнметри, развиен е комплетно нов шестстепен менувач, со значително намалена тежина. За Adam и Corsa се развива нов автоматизиран менувач со систем старт-стоп и можност за секвенцијално менување на петте степени.

Идните автоматски менувачи ќе имаат осум место шест степени, што заедно со подолгиот краен пренос ќе придонесе за намалување на потрошувачката за три проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fisker пред колапс?

BMW предвидува претежно сончево време