за

Opel потврди: Идната Zafira ќе биде престижен кросовер

За крајот на 2017 година е планиран кросоверот којшто ќе го наследи актуелниот ван Zafira, како втор знаменосец покрај Insignia

Шефицата на General Motors при посетата на Риселсхајм потврди дека кон крајот на декадата Opel ќе добие втор знаменосец покрај Insignia. Станува збор за наследникот на Zafira.

Како што се шпекулира подолго време, Opel планира наследникот на ванот Zafira да го претстави како кросовер, што воедно ќе биде позициониран на рамниште со лимузинскиот знаменосец Insignia. При втората посета на фабриката во Риселсхајм во оваа година, шефицата на General Motors, Мери Бара, не посочи дека станува збор конкретно за идната Zafira, но затоа потврди дека „кросоверот ќе биде втор знаменосец на марката покрај Insignia.“ За таа цел, General Motors ќе инвестира 245 милиони евра во производството на идниот кросовер од средната класа.

Шефицата на General Motors Мери Бара и првиот човек на Opel, Карл-Томас Нојман покрај новата Opel Corsa. Соработката меѓу Детроит и Риселсхајм е на историски највисоко ниво.
Шефицата на General Motors Мери Бара и првиот човек на Opel, Карл-Томас Нојман покрај новата Opel Corsa. Соработката меѓу Детроит и Риселсхајм е на историски највисоко ниво.

Покрај тоа, Бара најави и дополнителни инвестиции во производството на новата фамилија мотори и менувачи во Риселсхајм, Кајзерслаутерн и во полскиот Тиши во висина од преку половина милијарда евра. „Opel е од голема стратешка важност за GM. Моделската офанзива на Opel со 27 нови модели и 17 нови мотори стартуваше мошне успешно. Овие дополнителни инвестиции ќе придонесат да се обнови имиџот на марката и да се зајакне нашата позиција во Европа,“ изјави Бара.

Кросовер место ван: Сличен чекор каков што планира Opel веќе направи Renault со новиот Espace
Кросовер место ван: Сличен чекор каков што планира Opel веќе направи Renault со новиот Espace
Наспроти минатиот период, кога Opel беше третиран безмалку како посинок на General Motors, соработката меѓу централата во Детроит и Риселсхајм денес е на највисоко ниво во историјата. „Новата“ поддршка од шефицата Мери Бара сигурно носи плодови. Од средината на следната година е планирано да се воведе трета смена во фабриката на Opel во Ајзенах, поради големиот пазарен интерес за Adam и Corsa. За новата генерација на Corsa се примени веќе 45.000 нарачки, уште пред официјалниот старт на продажбата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Qoros 3 City SUV: Трет модел од кинеската топ-марка

The Pirelli Calendar 2015: По една убавица за секој месец