за

Qoros 3 City SUV: Трет модел од кинеската топ-марка

Додека чекаме на европскиот пазар да стартува продажбата на нејзиниот прв модел, „најсветската“ кинеска марка го претставува кросоверот на база на Qoros 3 Hatch.

Новата кинеска марка Qoros го претстави третиот модел во својата понуда, кросоверот врз база на комбилимузината Qoros 3 Hatch. Компактниот кросовер ќе стартува со продажба на кинескиот пазар веќе во декември, веднаш по премиерата на салонот во Гуангжу, со цена за основниот модел од 140.000 јуани, односно нешто повеќе од 18.100 евра. Qoros 3 City SUV се произведува во новата фабрика во Чангшу, на 80 километри од Шангај, заедно со моделите 3 Sedan и 3 Hatch.

Кинескиот кросовер ветува голема просторност во кабината, што произлегува од долгото меѓуоскино растојание од близу 2,7 метри, како и од ширината од 1,85 метар. Седиштата во City SUV се 67 милиметри повисоко отколку во комбилимузината, во каросерија висока нешто повеќе од 1,5 метар.

Во стандардната опрема за кинескиот пазар спаѓаат сопствениот мултимедиски систем Qoros MMH, блутут врска, електрика на сите прозорци и на ретровизорите, стартување на копче, алу-бандажи од 17 инчи и мануелен клима уред. Покрај основното ниво Active, Кинезите нудат уште три нивоа, од кои најбогатото вклучува ксенонски светла, алу-бандажи од 18 инчи, пристап без клуч, камера за рикверц и паркинг сензори. Багажникот е со стандардна зафатнина од 403 литри, односно 1.105 литри со соборени седишта.

Предвидена е само една погонска единица за City SUV: Бензинец од 1,6 литар со турбонатполнење и варијабилна работа на брегастите вратила, со моќност од 156 КС и вртежен момент од 210 њутнметри. Со шестстепен мануелен менувач, Qoros забрзува до сто за 10,1 секунди и постигнува крајна брзина од 205 km/h. Според фабрика, просечната потрошувачка изнесува 6,8 литри на сто километри.

Во поглед на безбедноста, Qoros 3 City SUV ги задоволува истите стандарди како лимузината и комбилимузината. Тие воедно беа проглаасени и за најбезбедни возила на краш-тестовите на EuroNCAP за минатата година. Единствен европски пазар на когошто е достапна кинеската марка Qoros е Словачка, којшто се користи како тест платформа за реакциите на сопствениците и за организирањето на продажната и сервисната мрежа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

CX-3 од следниот јуни: Теренец од Mazda за помалку од 20.000 евра

Opel потврди: Идната Zafira ќе биде престижен кросовер