Комби-изведбата на Škoda Octavia со погон на сите тркала и зголемено растојание од подлогата е универзалецот во гамата на чешката марка. Octavia Scout може да се пробива по теренот слично како класичен теренец, но во секојдневието останува комфорна семејна лимузина.
По спортскиот топ-модел RS, чешката марка ја освежува и втората варијација на Octavia, комбито коешто позајмува елементи од теренските возила и се води под моделската ознака Scout. Со растојание од подлогата зголемено за 30 милиметри во споредба со стандардниот модел и погон на сите тркала, Octavia Scout важи како универзалец во гамата на бестселерот на Škoda.
Големо освежување во појавата носат четирите светла во комбинација со широкатa и впечатлива маска, како заштитен белег на новото моделско годиште на Octavia. Светлечки диоди ги заменуваат обичните светилки во предните и задните светла, исто како и во магленките. Робусниот изглед доаѓа од заштитата на подвозјето во сребрена боја, вклучувајќи пластична облога по подот, коајшто ги штити и водовите за гориво и за сопирачките. За теренската проодност се грижат и зголемените агли на пристап од 16,6 степени и на излез од 14,5 степени.
Обете оски на Škoda Octavia Scout стандардно располагаат со електронска блокада на диференцијал, како голема помош при извлекување од лизгава подлога. За полесно и побезбедно спуштање по стрмнина и по тежок терен, функцијата Off-Road ја одржува брзината на возилото самостојно, без потреба возачот да интервенира.
Багажник со зафатнина од 610 до 1.740 литри и приколка тешка до два тони
Имајќи во предвид дека екстремниот студ не влијае кога сопствениците на Octavia Scout се решени да појдат во авантура, во воланот се вградени грејачи, додека седиштата поседуваат таканаречена термо-флукс функција, којашто повремено ја зголемува пропустливоста на воздух и влажност. „Теренската“ Octavia не прави проблеми ниту при транспортот: На располагање стои багажник со зафатнина од 610 до 1.740 литри, со минимална ширина од 1.010 милиметри. Максималната тежина на приколка изнесува два тони, во зависност од моторот.
Новитет во погонската спрега е комбинацијата од 2.0 TDI со 150 КС со погон на сите тркала и 7-степен менувач со двојна спојка. Три мотори се достапни во гамата на моделот: 1.8 TSI со 180 КС, 2.0 TDI со 150 КС и втора верзија на 2.0 TDI со 184 КС.
По пример на цивилните браќа, Octavia Scout добива нова генерација радија, со широк дисплеј кој реагира на допир, со пречник од 9,2 инчи во најскапата изведба, со модул LTE и пристап на интернет.


















