Големиот теренец на Nissan не остана поштеден од третманот на спортското одделение Nissan Motorsport. Екстремната верзија на Patrol со 434 КС доживеа премиера на посебен настан во таа чест во Дубаи.
Отсега и Nissan Patrol има „коњи“ за трка. Со познатиот 5,6 литарски мотор V8, вградуван уште во моделите на престижната марка Infiniti, џиновскиот Patrol во верзијата Nismo располага со 428 КС. Податокот за вртежниот момент на осумцилиндарецот отсуствува, но и тој е над стандардните 560 њутнметри на овој мотор. Заедно со третманот на извлекување дополнителни коњски сили одат специјални бандажи од 22 инчи, спортски амортизери од Bilstein, заедно со каросериски кит и посебни додатоци во ентериерот.
Nissan го претстави Patrol Nismo на посебно организиран настан во чест на лансирањето на спортската подмарка во Дубаи. Заедно со двотонскиот тркач, кој е сосема погоден за локалните купувачки навики, премиера на Средниот Исток доживеаја и спортските купеа 370Z Nismo и GT-R Nismo.
Спортската подмарка на Nissan ги има во понуда уште Juke Nismo, а претстои лансирање и на Pulsar Nismo, кој беше прикажан годинава како концептен автомобил. Цената на Patrol Nismo не е објавена, но е далеку од цената од 83.000 долари, колку што на Блискиот Исток чини најскапата изведба на луксузниот теренец.

















