Природниот каучук е праскап и тежок за набавка, за синтетскиот каучук се троши премногу нафта. Bridgestone најде замена во растението гуајули и од сопствените фарми ја произведе првата автомобилска гума од новата суровина.
Најголемиот светски производител на автомобилски пневматици и производи од гума Bridgestone го произведе првиот пневматик во чијшто состав се користи природна гума добиена од сопствените фарми за гуајули, како замена за природниот каучук и за каучукот што по вештачки пат се добива од нафта. Пневматикот е произведен во техничкиот центар на Bridgestone во Јапонија, со користење на природна гума од растението гуајули што корпорацијата го одгледува во центарот за процесно истражување на биогума во Аризона, САД.
Гумарската индустрија е во постојана потрага по замена за природниот и вештачкиот каучук, како што расте глобалната побарувачка за автомобилски гуми и производи од гума. Денес околу 90 проценти од светската побарувачка на природен каучук се покрива од растението хевеа бразилиенсис, кое се одгледува првенствено во тропските региони на Југоисточна Азија. Целта на Bridgestone е преку замената со гума од гуајули да ја намали зависноста од увозот на скапиот каучук и воедно да воспостави еколошки одржлив извор на суровини за своите производи.
Минималната потреба од наводнување прави гуајули да биде совршена суровина за гума
Гуајули расте во сушните региони на Југозападот на САД и во Мексико, а природната гума што се добива од ова растение поседува слични својства со гумата произведена од каучук. Наспроти каучуковото дрво кое што успева исклучиво во тропските региони, гуајули се одгледува со минимална потреба од вода и значајно ќе придонесе за намалување на зависноста од увоз на каучук.
Bridgestone започна со експериментално одгледување на гуајули во септември 2013 година, на површина од 114 хектари во Илој, Аризона. Една година подоцна, корпорацијата ги воспостави сите неопходни процеси за експлоатација на гуајули, почнувајќи од истражување и развој, преку експериментално одгледување, до производство на автомобилски гуми и производи од гума врз база на гуајули.
Групацијата Bridgestone ќе продолжи со истражувањата на гуајули и други суровини со цел до 2050 година да постигне одржлив процес на производство што во 100 проценти се базира на суровини добиени од обновливи извори. Првите автомобилски пневматици произведени од гума од гуајули се очекува да се појават на пазарот најрано во 2020 година.
















